Сите македонски репрезентативци што се на списокот од 35 ракометари ги исполнуваат задолжителните критериуми, мерки за заштита од Ковид пропишани од ЕХФ за дозвола за настап на ЕП 2022.
Петар и Павле Атанасијевиќ, Емилијан Ѓорговски и Давид Савревски се единствените четири ракометари што не се на списокот на селекторот Кирил Лазаров затоа што не ги исполнуваат пропишаните мерки за заштита од Ковид 19.
РФМ посвети посебно внимание на ова чувствителна проблематика минатиов период. Сите членови нза стручниот штаб и сите 35 играчи што се на списокот се или вакцинирани или прележале Ковид во временска рамка од шест месеци, заклучно со периодот кој треба да го минат на ЕП.
ЕХФ го објави „концептот за хигиена“ и според него само вакцинирани или прележани ќе смеат да настапат на ЕП. Покрај тоа, на секои два дена, ќе им бидат правени ПЦР тестови. Доколку има позитивен случај, тој ќе оди во изолација, но лицата што биле во контакт, доколку имаат негативни тестови продолжуваат со натпреварувањето.
Истото ќе важи и за медиумите, само вакцинирани и прележани ќе можат да ја подигнат акредитацијата. Патем ќе мора да приложат и негативен ПЦР (48 часа) или антиген тест (6 часа) за влез во салата. Но, ЕХФ и организаторот во поглед на медиумите сериозно потфрла организациски, затоа што тоа нема да биде организиран процес каков што на пример беше на ЕП во фудбал, туку новинарите самите ќе мораат да си бараат лаборатории низ градовите каде што се играат натпреварите и да си ги плаќаат тестирањата за да можат да влезат во сала.