Вардар без Анте Гаџа во Кил

Вардар и на следниот меч ќе има проблем со повредени играчи. Се враќа Куни Моралес, но ќе отсуствува Анте Гаџа.



Хрватскиот плејмејкер Анте Гаџа, ракометар што на последните два меча на црвено-црните ја подигна својата форма и имаше важна улога во креирањето на нападот како единствен среден бек во тимот, нема да биде во составот за дуелот со Кил на гости што ќе се игра утре во Германија. 

Анте Гаџа има вироза, а тренерот Веселин Вујовиќ ја потврди лошата вест. 
„Нема да биде во тимот, има температура и болки“, изјави за g-sport.mk Веселин Вујовиќ. 

Вардар без класичен среден бек ќе мора да импровизира на утрешниот меч, за жал против противник каде што ретко минуваат импровизации и што е уште полошо, противник што во минатото коло загуби планирани бодови и падна на третото место кое не носи директен пласман, туку едно елиминациско коло плус. Таков меч Кил по секоја цена ќе се обиде да избегне, затоа што меѓу потенцијалните ривали го има и Флензбург, нивниот најголем ривал низ историјата. 
Подвлечено, Кил не смее да си дозволи „кикс“, а Вардар ја имаше таа „среќа“ да биде првиот против кој ќе се вадат Германците. 

Од Вардар на утрешниот меч нема резултатски очекувања, а тоа на вакви натпревари знае да биде позитивно, да ги ослободи играчите од императиви и да им даде слобода да играат. Кил, на крајот на краиштата колку и да звучи страшно, годинава има големи падови. Тоа се гледа низ нивните резултати, па можеби утре уште еднаш ќе се најде во „дупка“ што Вардар би можел и да ја искористи доколку биде компактен и игра паметно, без да троши премногу и да им дозволи на Германците да се размавнат и да наметнат својата игра. 


foto: Denis Dukovski/ RK Vardar 1961

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk