Металург го „шокираше“ Т. Пролет

Чуден клуб е Металург. На работ да згасне, со недоволно играчи за да организира тренинг, со штрајк...и кога сите го отпишавме, се склопи и го победи Т. Пролет на гости. 



Металург го совлада Т. Пролет 31-29 (16-13) и го приреди изненадувањето на колото, барем засега. Екипата од „Автокоманда“ е во најтешкиот период во последните дваесетина години.
До пред два дена не се ни знаеше дали воопшто ќе продолжи да се натпреварува, но се склопија и денеска го надиграа градскиот ривал кој очигледно предвреме ги имаше запишано бодовите од овој дуел. 

Златко Хорват и Халил Озтурк заедно постигнаа 19 гола за Металург и беа дуото за кое Бошковски и неговите дефанзивци не најдоа вистинско решение. 
Вреди да додадеме дека домашниот тим не поведе ниту еднаш на оваа средба, а само во еден момент беше нерешено (10-10) не сметајќи ги тука почетните 1-1 и 2-2. 

Финишот беше интересен, Т. Пролет се обидуваше да надополни тоа што пропушти да го направи во текот на целиот натпревар, но една испуштена топка при резултат 28-29 беше можеби клучниот момент на мечот. Тогаш домашните тргнаа по израмнување, но се сплеткаа, следеше контра напад која крилото Петковски ја претвори во водство од 30-28. 
Т. Пролет намали на 29-30, но во последните 30 секунди Металург беше во напад. Во финишот изнуди пенал што беше и точка на натпреварот. 

Овој резултат ништо драматично нема да промени на табелата, но Т. Пролет загуби планирани бодови, иако и натаму има пет бода пред Охрид. Металург, пак, сега е само бод зад седмопласираниот Охрид и во теорија се уште може да стигне и до Плеј оф. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk