Македонскиот претставник во Европската лига, Еурофарм Пелистер денеска ќе го одигра мечот од четвртото коло, во кое на домашен терен се среќава со екипата на Татабања од Унгарија. Натпреварот почнува од 18:45 часот.
Татабања беше пред колапс, но доведоа нов тренер и тоа добро познат на овие простори Драган Ѓукиќ и веќе на првиот меч го декласираа Кадетен, а сега на крилја на таа победа слетуваат и во Битола.
„Новиот тренер им донесе нова енергија во тимот и тоа е видливо. Имаат одлична надворешна линија која долго време игра заедно. Противник кој е цврст во одбрана, кој добро трча, особено по левата страна и пред сè тим со одличен тренер на клупата. Типичен европски тим.
Играчите имаат огромна желба, посветени се, фокусирани и спремни. Во спортот постојат добра форма и моменти во кои исто така работите, но резултатите се различни. За жал кај нас мерило се само резултатите, знам по себе и по другите колеги. Ние сите истоветно работиме, но понекогаш ќе испадне добро, а некогаш не. Задоволни сме и среќни од бодовите освоени на гостински терен, на добар пат сме, имаме добра ситуација и ќе дадеме сè од себе да оствариме победа и да ја продолжиме позитивната низа“, вели Бабиќ.