АЕК - Е. ПЕЛИСТЕР 27-30 (13-16)
Еурофарм Пелистер: Секељи (9 одб), Кизиќ, Периќ 8, Табоада 6, Мандалиниќ 3, Божиќ-Павлетиќ 3, Ојлески 2, Граџан 2, Обрадовиќ 2, Велковски 1, Маркоски 1, Костески 1, Маџовски 1, Кукоски, Танкоски, Мараш,
Ни три дена, пардон, ни три кола не траеше грчката сензација во Европската лига - АЕК. По големата победа над Татабања и сензацијата во Нимс, Еурофам Пелистер ги стиша Грците и го врати назад АЕК во реалноста што им беше секојдневие до не толку одамна.
Почна импресивно македонскиот состав, поведе со 4-1, а откако се одбранија од првиот и најсилниот грчки бран, на семафорот стоеше 9-4, па 10-5 за Е. Пелистер.
Грците вложија се што имаа во вториот обид да направат пресврт, но ни тоа не им појде од рака. Намалија на 9-11, а потоа одново битолчани ја имаа контролата.
Имаше Е. Пелистер и 16-11, но на одмор се замина со резултат 16-13 за македонскиот вице-првак.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер имаше се под контрола. Јосип Периќ диктираше и водеше, Секељи имаше во неколку наврати одлични интервенции, Табоада го одигра најдобиот меч досега, но колективот односно одбраната беше тој/таа што не дозволи Грците да се вратат назад и како одминуваше времето победникот беше се поизвесен.
Битолчани имаа 30-24 и тоа беше доволно за победа, иако АЕК постигна три гола и намали на 27-30, но веќе беше 59 минута и немаше шанса да се направи пресврт.