Да ги промениме правилата или да чекаме да се променат?

Три нови правила во ракометната игра се усвоени од Советот на ИХФ и потврдени на Конгресот на ИХФ одржан пред три дена, онлајн. 
Треба ли да чекаме нивна официјална промоција или е попаметно уште веднаш да ги примениме? 



ИХФ усвои три нови правила што ќе стапат на сила од 1 јули 2022, според статутот.
Промените се следниве:
1. Додавањата откако ќе биде сигнализирана пасивна игра се кратат од шест на четири.
2. Акцијата по примен гол може да почне од кое било место во радиус од два метра од центарот.
3. Секој шут во главата на голманот е задолжителни две минути. 

Од овие три промени, правилото „радиус“; односно акцијата да може да почне од секаде во кругот, а тој е со радиус од два метра може да донесе големи промени, да не драматизираме и да кажеме мини револуција. 
Оваа промена оди во голема полза на екипите со брза транзиција, а оди на штета на екипите што ќе играат без голман, но генерално ќе му додаде уште една брзина плус на ракомениот менувач. 

Пример: Замислете ситуација во која по примен гол екипата прави брз центар, а напаѓачот влегува цели два метра во полето на противникот и од таму почнува акцијата. Дефанзивецот ќе мора и во овој случај да биде три метри дистанциран за да смее блокира, а тоа го става на само 15 метри од својот гол. 

Кажано со речникот што најчесто го слушаме - екипите што „многу трчаат“ и „брзо трчаат“, сега ќе трчаат и повеќе и побрзо. 

Темата што сакаме да ја поставиме за размислување, дебатирање и анализирање од стручни лица е следнава: 

Треба ли да го чекаме 1 јули 2022 кога официјално ќе стапат на сила промените на правилата и ќе мораме да ги почитуваме или е попаметно уште веднаш да ги имплементираме и да добиеме девет месеци предност пред сите други?

Имајќи предвид колкав отпор се создава во Македонија кон секоја промена, веројатно ќе мине многу време додека видиме, ако воопшто видиме ефект од оваа промена, особено на клупски план. Затоа нема да се зачудиме ако во моментов повеќе би биле против промени, иако тие се неминовни.
Но, ако сега се имплементираат, тогаш имаме предност од цели девет месеци пред другите до стартот на новата сезона да видиме дали можеме некако да го свртиме тоа во наша корист.
Особено би било корисно кај младите категории и младите репрезентативни селекции од каде што се подготвува и новиот систем на игра на македонската сениорска репрезентација. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk