Пешевски: Може мирно да спиеме, имаме иднина

Тече последниот ден од репрезентативните подготовки во Скопје. Македонскиот национален тим утре заминува за Каиро каде што ќе одигра два меча со еден од најсилните тимови во светот, Египет, предводен од бековите на Веспрем и Барса (Омар Јахија и Али Зеин), браќата Елдера, екс голманот на Е. Пелитер, Карим Хендави итн. 



Сериозен противник, еден од најсилните тимови во светот е ривал на Македонија на претстојната репрезентативна акција. Противник предводен од тренер кој работел во Македонија и ги знае нашите играчи. Предизвик каков што бараа од стручниот штаб на нашиот тим и низ 120 минути ќе треба да искористат за тестирање на сопствените сили. 

Пикерот на Штутгарт, Жарко Пешевски од вчера е со репрезентацијата и ќе патува за Каиро, каде што го чека жестока битка на линијата. 

„Египет е квалитетна репрезентација, со одличен тренер, Парондо, кој сега е во Бундес-лигата, и кој ништо не остава на случајност. За нас ова ќе биде одлична шанса, прво да го поправиме впечатокот од Светското првенство, тоа едно екстремно лошо издание на македонската ракометна репрезентација.
Но, истовремено треба да го искористиме на најдобар начин и да одиграме квалитетни натпревари. Тоа ќе биде вистински тест за нас, бидејќи ќе играме со една од најдобрите пет репрезентации во светот.
Кај нас, секој тренинг е се подобро и подобро. Секој собир е драгоцен, особено за помладите, секој собир има по некое ново име.
Репрезентацијата оди во нагорна линија. Со малку среќа, со работа како во квалификациите и на овие собири, со одлична подготовка и видео-анализи, но и со мирна глава оваа репрезентација ќе покаже квалитет на Европското првенство. Ние тоа веќе го покажавме и против Данска и на двапати на Швајцарија, се надевам само на добри времиња во иднина“ вели искусниот пикер. 

- Конкуренцијата се зголемува во репрезентациите, неколку нови имиња се пред промоција во „А“ репрезентативци.

„Можеме да спиеме мирно, мислам Македонија има иднина, сите, секое ново име кое доаѓа од Е.Пелистер 2, Алкалоид, Бутел... имаат перспектива и се талентирани. Најважно е дека имаме и стручен тим кој 24/7 е посветен на репрезентацијата и на развојот на овие играчи“, вели Пешевски.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk