Миркуловски: Има многу талент кај младите играчи

Репрезентацијата на Македонија се комплетираше со доаѓањето на Митревски, Миркуловски, Пешевски и членот на стручниот штаб Аце Јоновски. Вечерва одработија тренинг, утре ги чека истото, а во четврток заминуваат за Каиро, каде што во петок и сабота двапати ќе ги одмеруваат силите со силниот тим на Египет.



Иако е прилично рано за амбиент типичен за период пред настап на ЕП, со тековниот собир на репрезентацијата, веќе може да се почувствува дека доаѓа нешто „поголемо“ на сцената. Европското првенство е на само два месеца од нас, а благодарение на Ковид и ланската сезона одиграна во празни сали, откажани натпревари и онлајн следење на националните тимови, последното ЕП се чини како да беше пред многу долг период, а не пред само 2 години. 
Екипата е повторно на собир, а може да се почувствува позитивна енергија на тренинзите на репрезентацијата, која се комплетираше со доаѓањето на триото Митревски, Пешевски и Миркуловски, како и на Јоновски кој сега е дел од стручниот штаб. 

Прекалениот борец, Филип Миркуловски зборуваше за својте импресии и амбиент од овој собир и тоа што не чека наскро: 
„Почнуваме нов циклус, подоготовки за ЕП 2022. Имаме за противник неевропска репрезентација, многу силен противник. Ќе ни помогне доста во оваа ЕХФ Недела. Има сигурно квалитет како Словенија и повеќе, имаме нови момци во екипата, ќе биде убава можност да се воиграме, да видиме до каде сме. 
Веќе размислуваме и за Словенија, се подготвуваме за нив, индивидуално и како екипа. Но, има многу време, можат многу работи да се променат за два месеца. Фаќаме темпо, мораме да се подготвиме добро за тој натпревар што може да биде и клучен“, вели Миркуловски. 

Репрезентацијата наскоро ќе влезе и во период на подмладување, потенцијалот веќе почнува да излегува на виделина. Миркуловски има само комплименти за новиот бран на ракометари. 

„Долго време не сме имале вака добри млади ракометари. Се работи за играчи 2000, 2002... има тука многу перспектива. Јас лично долго време немам видено да излезат вакви играчи. Сепак, многу рано да се очекува што било од нив. Но, убаво е да ја почувствуваат 'таа' атмосфера, да им покажеме ние постарите што треба да прават и на терен и надвор од теренот. Ќе биде ова едно големо искуство за нив“, изјави Миркуловски. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk