Машката репрезентација на Македонија денеска е на прв собир со што ќе биде означен стартот на подготовките за ЕП 2022 што во јануари ќе се игра во Унгарија и Словачка.
Македонските репрезентативци почнаа да пристигнуваат во „Александар Палас“, хотелот што ќе биде нивна база во Неделата на ЕХФ.
Македонскиот тим првиот состанок ќе го има за неполн час, а во рамки на овие подготовки е предвидено патување во Египет, каде што во петок и сабота ќе одигра два контролни натпревари со соодветниот состав предводен од Гарсија Парондо и неговиот нов асистент Рубен Гарабаја.
Македонскиот тим ќе се комплетира утре вечер, денеска ќе недостасуваат интернационалците Никола Митревски, Филип Миркуловски и Жарко Пешевски кои имаат натпревари во шампионатите на Португалија и Германија и во Скопје ќе пристигнат утре. Аце Јоновски, членот на стручниот тим на Македонија исто така нема да биде денеска на првиот собир.
Селекторот Кирил Лазаров повика 22 ракометари за оваа акција, а наскоро ќе се знае и конечниот список на патници за Каиро.