РАКОМЕТЕН ПРАЗНИК: Кил е во Скопје, Вардар спремен за борба и бодови

Ракометната традиција, школи, системи и се што го држеше овој спорт на ниво на светско ниво има два големи играчи. Кил и Барса. Едниот од нив денеска е во Скопје на дуел со македонскиот шампион Вардар.



Најпрепознатливите имиња во ракометот се најуспешните тимови од Шпанија и Германија. Тоа се Барса која има освоено повеќе и тоа е Кил кој има освоено се, а згора на тоа доаѓа од најмоќната ракометна лига. 
Каде и да одат овие два тима се во центар на вниманието, а денеска едниот од нив е во Скопје. Дуел на европскиот шампион од 2017 и 2019 и шампионот од 2020. 

Кил во Скопје доаѓа ослабен. Ги нема Сандер Сагосен, нивната најголема ѕвезда и Штефан Вајнхолд, играч што значи многу во нивниот систем на игра, затоа што Кил никогаш и немал политика да има 20+ играчи. Обично 16 ракометари се тие што играат и во Бундес лига и во европските натпревари и секаде каде што треба да се игра. 
Секој еден си има свое место, а кога нема да може од разни причини да игра, тогаш другите покриваат. Сега сме практично на почетокот на сезоната, а Кил веќе има две отсуства. 
Нема победено без нив во составот. Одигра нерешено во Лемго, потоа дома иако водеше со седум разлика ремизираше со ПИК Сегед, за конечно во големото дерби на Германија, загуби од Магдебург на домашен терен. Тоа беше прекрасен за гледање натпревар, но од играчите извади максимум, ги исцрпи максимално, а Кил имаше само еден ден одмор пред да замине за Скопје. 
Ранети од битките со Сегед и Магдебург се и голманот Никлас Ландин и пикерот Хенрик Пекелер. Едниот мускулот, другиот носот. Двајцата се во Скопје, ќе видиме што ќе одиграат, иако не би се чуделе ако тренерот Филип Јиха го почне натпреварот со Дарио Квинштет на голот. 

Веселин Вујовиќ, пак, има на располагање екипа што стартуваше со реми, потоа победи на следните два натпревари, но потоа и ги загуби последните два натпревари. 
Многу е битен овој натпревар, затоа што тоа е вовед во двата дуела со стариот непријател ПИК Сегед што потоа следат и возвратниот дуел со Кил во Германија. Победа над германскиот шампион е практично обезбеден билет за елиминациите, па дури и шанса да се игра за „полесен“ противник, иако таков во групата со која вкрстува Вардар нема.

Натпреварот е игра со почеток од 20:45, а во истиот термин се игра и мечот ППД Загреб - Монпеље. Од 18:45 ќе можете да уживате во пресметката меѓу Келце и ПСЖ и дуелот ПИК Сегед - Алборг. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk