КОЛУМНА: Новиот ракомет има старо име - СИСТЕМ

Пишува: Ричи Ѓамовски, уредник на g-sport.mk

Сте се запрашале или зачудиле некогаш како тоа во списокот на освојувачи на ЛШ се уште ги нема ПСЖ и Веспрем? Како Гарсија Парондо и Филип Јиха без речиси никакво тренерско искуство за една сезона станаа шампиони на Европа? Како речиси сите играчи што на времето дојдоа во Вардар играа како европски шампиони? И зошто откако заминаа не играат така? Како Шведска без девет играчи стигна до финале на СП? Како може село со 9.000 жители од Исланд да има 6 играчи во ЛШ и Европската лига? Од каде се појави овој Елверум? Како Магдебург составен од втора постава репрезентативци им држи лекции на Кил, Барса, Флензбург? Како? 


Одговорот е едноставен. Објаснувањето, не толку. Одговорот на сите овие прашања го содржи зборот -  Систем. Тема толку обемна што може со денови да се зборува за неа и анализира. Да се брани и напаѓа.

Што е тоа систем? 
Ситем едноставно би се објаснил како смислен, изграден сопствен стил на игра. Потоа повторуван толку пати, што се претвора во навика. Навика во која е вложено толку (квалитетен) труд и време, што на крајот тоа почнува да дава резултат и да исфрла квалитет на површина. 
Во основа, систем не е ништо ново. Напротив, тоа е база на се друго што подоцна произлегло и потоа го изиграло, израснало над него, го маргинализирало, збришало до мерка да мора повторно да го промовираме и измислуваме како нов и модерен начин на игра. 

Ја паметите ли ситуацијата со Шведска пред СП Египет? Ќе ви признаеме и дека ние злорадо водевме евиденција колку ракометари им откажуваат. И тоа не кој било туку ред се редеа Лукас Нилсон, Јеспер Нилсен, Никлас Екберг, Албин Лагергрин, Симон Јепсон... Бројката стигна до девет. 
Пих, заокружи фикс, никој без девет играчи не може да биде врвен. 
Никој? Шведска играше во финалето. Па Како? Па затоа што бековите Феликс Клар, Јим Готфридсон и Лукас Сандел не измислуваа топла вода. Не измислија нова игра, го играа шведскиот систем, односно тоа што го играле од деца и што ќе го играа и со Лагергрин, Јепсон и Нилсон, само што овие беа и подобри. А Шведска има систем од памтивек. На времето, сите точно знаеја што ќе играат Ловгрен, Висландер и Олсон, плус Врањеш. А тие пак стануваа шампиони. 

Уште подобар и за нас поблизок пример е Вардар од 2019. Раул за кратко време воспостави свој систем, си имаше и добри играчи, да биде јасно, но заминаа Штербик, Циндриќ, Душебаев, Борозан, Абутовиќ, Кањељас, Македа ... Замина и креаторот Раул, дојде Парондо, тренер без искуство. Но, вратете се назад и препрочитајте ги неговите изјави. Си кажа и самиот дека тој наследил систем и нема многу да менува. 
И секој што дојде и ќе остане запаметен. Се вклопија Криштопанс, Скубе, Дизингер и секој точно знаеше што прави и што треба да прави на терен. Вардар имаше систем, играчите ротираа, секој донесе нешто свое, но никој не се издигна над системот. И станаа шампиони.
Потоа дојде корона, заминаа многу играчи, се сменија два тренера, остана многу малку од шампионскиот шарм и сега одново е на почетокот и што и како понатму зависи од Вујовиќ и Михајловски. 
Големата замерка за Раул и Парондо е што беа комплетно фокусирани на првиот тим, да го воспоставеа системот и во младите категории, денеска Вардар ќе пееше друга песна. 

За да се разбере подобро што е систем, ќе кажеме и што и кој е спротивно од системот. Тоа е првенствено индивидуализмот, желбата за брз резултат или во најмногу случаи незнаење или не сакање да се работи. 
Раул го склопи системот во Вардар, но истиот тој Раул не може да го стори тоа во ПСЖ иако има далеку подобри играчи на располагање. Односно, најдобрите во светот на располагање. Тие ѕвезди, не се вклопуваат во тој систем и тука е крајот на приказната.
Можат да победат кого било кога индивидуално ќе бидат расположени, но системот е тој што освојува трофеи. Крахираа неколку години, можеби годинава ќе им се посреќи. Но, тоа нема да биде плод на колективот, туку на индивидуалниот квалитет на нивните играчи. 
Друг таков клуб е Веспрем. Нивните ѕвезди го отфрлија системот што сакаше да го наметне Љубомир Врањеш кој пак, по тоа и ќе остане запаметен како неуспешен тренер. Ќе видиме што ќе направи сега Момир Илиќ,  рано е, на почеток е, а најавуваше шпанско-југословенски стил на игра. Победуваат, но систем не гледаме. Односно за нас игра „два на два“ и толку индивидуализам не е систем. 
Ова се врвните примери, не сакаме ни да загребеме надолу, особено не да го внесуваме во игра и женскиот ракомет или ЧСМ Букурешт, затоа што текстов нема да има крај.
За разлика од нив, пак, Кил е пример каде што ѕвездите се вклопени во систем, така и покрај повредите и станаа шампиони во 2020. 

Од спротивната страна на системот, подолу низ клупските хиерархии стојат управи што сакаат инстант резултати. Кога имаат пари, купуваат играчи. Тренери што за да им испорачаат на „газдите“ тоа што се нафатиле да испорачаат, бараат играчи, сакаат да се занимаваат со тактики, но нема да влезат цел ден да го минат во рудникот и да моделираат играчи. И тоа не е ново, старо е со „векови“. 
И потоа се појавуваат на сцената Елверум, Алборг и Магдебург и не потсетуваат дека не е се во парите и имињата на играчите. 

Како изгледа модерниот систем?
Управа што разбира, квалитетен тренер, вистинските луѓе на вистинските места, постојано надоградување, следење на трендови, желба да се работи, професионализам...


На терен, се почнува од одбраната. Активна одбрана се вика тоа постојано движење, покривање и помагање. Одбрана во која играчите играат со памет, а не бараат индивидуален конфиликт и демонстрираат сила која, за волја на вистината и натаму е синоним за игра во одбрана. Се движат, предвидуваат, пресекуваат. Да не должиме. 
Транзиција и дисциплина - преминот од одбрана во напад и обратно е најмоќното оружје истренирано до перфекција. Веројатно и кога трча преку улица, Марко Безјак (Магдебург) гледа лево и десно да види каде се Дамгард, Мертенс и Петерсон. 
Напад - Ако го прашате Лино Червар на пример, а ние го прашавме, ќе ви каже следно: 
„Играч во напад 90% од времето е без топка. Па зошто тогаш не го развиваме тоа? Играњето без топка? Напаѓање простор, движење во сите правци, вкрстување, менување позиција, залет, чекор, позиција. Играчот не смее да мисли кога и каде ќе ја прими топката, тоа мора да се увежбано и за во сон, мора да мисли што ќе направи откако ќе ја прими топката“, вели Червар.
Нема 1000 комбинации во напад. Се тргнува од т.н. „полази“. Потоа следи завршница што може да биде продолжена со повеќе комбинации во зависност од многу фактори. И тоа се вежба на тренинзи, нон-стоп. Секој ден во рудникот. Додека не стане навика. И додека навиката не стане систем. 

Транзицијата и дисциплината на Данска од напад во одбрана на дело

Какви играчи се потребни за систем?
Убаво е кога можат да се изберат профили по желба, но тоа најчесто не е случај. Стилот се прилагодува со тоа што се има, а потоа се гради играта. Погледнете го на пример Иван Марковски во Металург. Со една постава почна да гради систем и веќе има и резултати, иако далеку е финалниот производ. 
Кога системот еднаш ќе биде изграден, тогаш не е толку битно кој игра, доколку може квалитетно да одговори на тоа што се бара од него. Затоа и кога ќе се ротира нема да има падови, за разлика од индивидуалниот ракомет каде што секоја замена може да донесе пад во игра, а ако се повеќе замени сигурно се оди надолу. Или кога на најдобриот играч не му е ден или е покриен. 
Но, тренерот е главниот во системот и тој мора да води, моделира, создава играчи што ќе го држат нивото на игра. Потоа системот ќе ги исфрли на површина најдобрите. 
Систем имаше и Металург во времето на Лино Червар. И тој на површина исфрли многу играчи. Некои од нив станаа играчи за кои се плаќа и со шест нули (Циндриќ), други не толку. Многумина, речиси сите заминаа, многу од нив со убедување дека се готов производ, други дека се спремни за во поголем клуб. Но, најголемиот дел, своите најдобри моменти од кариерата ги имале во Металург. Затоа што овде ги исфрли системот, а потоа кој како се снајде и вклопи.
И за Вардар е слично. Карачиќ на пример во Келце, Криштопанс во ПСЖ, Скубе во Мешков Брест и Иван Чупиќ во Загреб. Особено Чупиќ кој до пред некој месец растураше на терен, играше и крило и бек и пикер, уште голман што не стана. Погледнете го сега. Не заборавил Чупиќ да игра, ниту е Обрван лош тренер... Загреб е друга приказна од Вардар.

Но, најдобриот пример за тоа дека играч може поради системот изгледа подобар отколку што е, ни доаѓа од Норвешка и се вика Александер Блонц. Блесна левото крило на Елверум лани, се изнадава голови и на 21 година се пресели во ПИК Сегед. Неодамна играа ПИК Сегед и Елверум и на изненадување на цела Европа, победи гостинот Елверум. Александер Блонц едвај да играше во својот нов клуб и имаше 1/1 за целиот меч. Еден од најдобрите пак за Елверум беше Синдре Хелдал (5 гола). Хелдал е лево крило, го зазема местото на Блонц во системот на Норвежаните. 

Има ли систем во Македонија?
Веќе споменавме кои клубови имаа, да ги оставиме на страна. За репрезентацијата доаѓаат денови во кои нма да сметаме на Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, не знаеме колку долго и на Манасков, не знаеме ни што точно по ЕП 2022. Немаме звучни имиња и систем ни е неопходен за да останеме на сцената.
Можеме да кажеме дека имаме среќа што Кирил Лазаров и гради систем и што РФМ стои зад него. Имавме можност да ги видиме кадетите, иако не се пласираа на ЕХФ Еуро, имаа игра нетипична за нас. Знае Лазаров што е систем и го гради и тоа е залог за иднината. И во РК Алкалоид кој е тесно поврзан со кадетите е слично. Ако ги оставите настрана нивниот поголем квалитет во однос на екипите со кои досега играше, се препознава стил на игра. За Металург со Иван Марковски веќе рековме имаат голем напредок, се надеваме дека ќе ги решат другите проблеми. Ни се допаѓа проектот Еурофарм Пелистер 2, ќе го следиме со многу поголемо внимание. Други клубови засега нема да споменуваме затоа не сме ги следеле до таа мерка.
Во балкански рамки, Нексе врши добра работа исто женската репрезентација на Хрватска односно Локомотива. Љубомир Врањеш сега ја крои Словенија. Навистина не интересира и како ќе изгледа Динамо Букурешт и Романија каде што Чави Пасквал се нафати да го составува системот. 

Конечно, да го завршиме тоа што не може да се заврши со „толкацко“ излагање. Многу работи не се опфатени, се фокусиравме на најосновното. Треба да се знае дека системот не може веднаш да се препознае, тоа не е брз центар или седум на шест. Уште повеќе, пак да се суди за него, да се оценува и треба да не се злоупотребува тоа што денеска секој може јавно да критикува. За поквалитетен суд, првенствено мора да се промени аголот, да не кажеме нивото од кое се гледаат натпреварите. Неопходно да се следи извесно време работата на тренерот и однесувањето на екипата, да се запознаат нивните добри страни и проблеми пред да се донесе суд дали некој играч е добар, дали тренерот е добар, дали играта е таа што треба да се игра. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk