Вардар надигран, прв пат со празни раце

ВАРДАР 1961 - МОНПЕЉЕ  25-31 (11-15)
Вардар: Томовски, Дибиров 7, Тото 6, О. Њокас 1, К. Њокас 2, Стоилов 2, Гаџа 2, Кудуз 2, Моралес 1, Георгиевски 1, Ѓукиќ 1, Чувара, Валчак, Талески, Диало
Монпеље: Бос 7, Вилмино 7, Пелас 5...




Вардар за прв пат сезонава ја почувствува горчината на поразот. Вечерва од Скопје, Монпеље ги однесе бодовите. Наполно заслужена е победата на францускиот тим. Ја контролираа средбата од првиот до последниот момент, имаа исклучително широка ротација, во која првиот тим условно кажано седеше на клупата, а новите надежи ја вршеа работата. Така видовме многу малку од Гудмундсон, Симонет, Порт и Деска, но затоа видовме како игра Жилиен Бос, Килијан Вилмино, Лукас Пелас... 

Од Вардар видовме многу малку, ракометно. Видовме борбеност, особено на почетокот на вториот дел, но Французите беа подготвени на се. Одлично беа неутрализирани Њокаси, десната страна речиси комплетно отсечена,  а играта без голман, дали седум на шест во периоди кога имаше исклучен играч овој беше промашена, затоа што и на тоа беа спремни Французите и постигнаа голови на празна мрежа во клучните моменти.  Вујовиќ ротираше, се обидуваше да најде постава што може да одговори на предизвикот, но денеска немаше доволно расположени играчи. 

Резултатски, во првиот дел Монпеље водеше два до три гола, а во финишот на полувремето стигнаа и со плус четири (15-11). Во вториот дел, на почетокот Вардар наметна пожестока игра, но немаше тоа големи влијание на резултатот. Вилмино наоѓаше решение кога Вардар требаше да фати ритам, па така беше 20-15, 23-18, а кога во 50 минута стана 28-20, беше јасно дека бодовите заминуваат од Скопје. 



фото: Денис Дуковски/ www.rkvardar.mk

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk