МАГДЕБУРГ - БАРСА 33-28 (19-16)
Магнусон 7, Вебер 5 - Мем 10, Гомез 7
Магдебург е победник на светското клупско првенство, познато како Супер глоуб. Во големото финале на првиот турнир во организација на С. Арабија, Магдебург со 33-28 ја совлада Барса, актуелниот европски шампион и бранител на пехарот освоен пред две години во Катар.
Така Магдебург го „лапна“ најголемиот дел од колачот направен од петро-долари, додека Барса каде очигледно кризата се прелева во сите спортови, остана без планираниот шести пехар од Супер глоуб и најмалку 150.000 (планирани) долари.
Магдебург имаше водство од 26-24 во 45 минута, а тогаш почна серија од 7-1 со која дојде до водство од 33-25 во 55 минута. Во финишот со три гола по ред Барса само го намали резултатот.
Омар Магни Сигурдсон со седум и Филип Вебер со пет гола беа најефикасни кај новиот светски шампион, додека во редовите на детронизираниот првак Дика Мем со 10 и Алеиш Гомез со седум беа најефикасни.