Вест што ја растревожи ракометната јавност стигна претпладнево од Унгарија. Дејан Манасков на првенствениот натпревар со вториот тим на Веспрем се здоби со сериозна повреда на коленото.
Скинати предни вкрстени лигаменти, оштетени странични лигаменти и оштетување на зглобот на коленото е дијагнозата што ја доби утрово македонскиот репрезентативец.
Операцијата е задолжителна, а потоа ќе се прецизира времетраењето на рехабилитацијата. Во секој случај паузата ќе биде долга, вообичаено шест месеци за вкрстените лигаменти.
Македонија во јануари ќе патува во Унгарија, таму, во Дебрецен ќе игра во прелиминираната фаза од Европското првенство.
Дејан Манасков, нема да биде долу на теренот да помогне. Селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров доби нова главоболка...
„Веста за повредата на Манасков ја примив во неверување. Не е иста нашата репрезентација со Дејан и без него. Дејан е играч кој што би го посакал секој тренер во Европа... храбар, одлучен, тактички-испрофилиран со многу искуство позади него..
Му посакувам брзо опоравување и што побрзо вракање на терените.
Концепциски Дејан го планирав во многу нови работи што ги планирав за ЕП дефанзивни и офанзивни...
Ке треба да се адаптираме на новонастаната ситуација и да бараме приближно најсоодветна замена.
Не вреди да плачеме и бараме алиби. Одиме напред со позитивна мисли и енергија“, изјави за g-sport.mk селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров.
Македонија на ЕП ќе игра потив репрезентациите на Словенија, Данска и Црна Гора. Првите две места водат во Главната рунда.