Дибиров: Да ги исфрлиме од ритам, па да видиме какви се

Вардар се спрема за најтешкиот меч во ЛШ во досегашниот дел од сезоната. Минаа Елверум и Мешков Брест, на ред е ланскиот финалист Алборг. 



Да се игра против Алборг, е слично како да се игра против Данска...или Шведска со оглед на тоа кои играчи ја сочинуваат екипата и каков стил на игра негуваат. 
Иако во составот го нема Арон Палмарсон, можеби ќе го нема и голманот Микаел Агефорс, ова е состав што лани играше финале на ЛШ. Годинава чекајќи го Микел Хансен, тимот е подновен со крилото Кристијан Бјорнсен и пикерот Јеспер Нилсен кои дојдоа од Бундес лигата во првиот бран на ѕвездени засилувања. 

Но, не се Бјорнсен и Нилсен тие од кои треба да се „плаши“ Вардар, туку триото Феликс Клар, Лукас Сандел и Хенрик Мелгард. 
Не ви звучат доволно познато? 
Клар и Сандел се поранешните резерви на Шведска, истите тие што ја донесоа до финале на мундијалот во Каиро, а Алборг до финале на Келн. Мелгард, пак, е специјалистот за ротација и транзиција во Данска, играч што не губи топки, а игра два правца. 

- Знаете ли кој е добар боксер? реторички праша Тимур Дибиров на прашањето кои се слаби страни на Алборг.  „Тоа е боксерот што во текот на борбата знае да смени ритам, што не дозволува противникот да ја води борбата, што знае кога да нападне, а кога да се брани и да тактизира. Ние треба да бидеме тој боксер. Алборг е екипа до врвна транзиција, екипа што наметнува брз ритам со неприкинато трчање. Ние мораме да најдеме начин да ги исфрлиме од ритамот и да видиме какви се. Да ги натераме да се бранат позиционо и да напаѓаат позиционо. Кога ќе треба да се наттрчуваме ќе се наттрчуваме, но не смееме да го играме нивниот ракомет. Ќе треба да ги натераме да играат поинаку, да видиме како ќе се снајдат. Дали ќе станат нервозни и ќе прават грешки. Ќе видиме, ќе биде тешко, но мораме да се обидеме за да дојдеме ние до предност“, вели Дибиров. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk