Сегед и Алборг ги преслушаа Загреб и Монпеље

ПИК Сегед и Алборг победија на првите две средби од групата „Б“ во која игра и Вардар во второто коло од Лигата на шампионите.



ПИК Сегед му го нанесе вториот пораз на ППД Загреб во Лигата на шампионите. Вечерва во Сегед, унгарскиот тим славеше со 30-21 на натпревар на кој крилата Марио Шоштариќ  и Себастијан Фримел постигнаа седум односно шест погодоци, додека кај гостите од Загреб, Филип Вистороп и Един Клис погодија по четири пати.

Мечот не беше посебно атрактивен за гледање и без особен ритам, базиран на одбрана, особено во првиот дел. Очигледно добро искарани уште од дома по неборбениот настап против Алборг во првото коло, ракометарите на ППД Загреб пружија машка борба во првиот дел. 
Како резултат на тоа и неколку лоши акции и промашувања на Унгарците, имаше малку голови во воведните петнаесетина минути. Едвај 3-3 по речиси 15 минути, по што следеше серија од 3-0 на Сегед и прва реакција на Ивица Обрван од клупата. 
Но, некогашниот македонски селектор со ростерот што го има, реално немаше со што освен со повик за борбеност да се спротивстави со обејктивно поквалитетниот противник. Дистанцата остана до крајот на првиот дел, потоа во второто полувреме Сегед додаде уште два гола и Обрван одново мораше да ги мотивира своите играчи. 
ПИК Сегед ја продолжи доминацијата, Алиловиќ имаше добра вечер, Шоштариќ и Фримел казнуваа и разликата отиде на високи девет гола.   

Во Алборг, пак, десеткуваниот Монпеље кој настапи без Валентин Порт, Лукас Москариело и Иго Деска беше во негатива од пет гола по првиот дел (13-18).
Хендикеп за Данците покрај отсуството на Арон Палмарсон беше повредата на уште една од новите ѕвезди, Јеспер Нилсен кој на почетокот на второто полувреме замина од теренот во придружба на физиотерапевтот.
Монпеље имаше свои пет минути. Французите одиграа одлична одбрана и намалија на 20-21. Потоа Алборг додаде плус еден и резултатот почна да се крши на разлика од еден до три гола за Данците. 
Момент кој пресуди беше исклучувањето (заслужено) на Килијан Вилмино и одлуката на тренерот Патрис Канаје да игра без голман во тој период. 
Монпеље го загуби ритамот, прими гол на празна мрежа, Данците се одбранија и го сменија ритамот на средбата. Место минус еден, за кратко стана минус четири за Монпеље и потоа кога и голманот Симон Гаде, а и Хенри Мелгард го дадоа својот придонес, разликата се зголеми до момент да се заканат и со двоцифрена предност. 
На крајот, можеби превисоки за прикажаното 36-28 за финалистот на ЛШ од минатата сезона.
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk