Селекторот на женската репрезентација, Љубомир Савевски го соопшти широкиот список, од 35 ракометарки од каде што ќе се формира репрезентацијата за настап на EHF EURO CUP.
ЕХФ Еуро Куп е релативно ново натпреварување кое е измислено за репрезентациите што не играат во квалификациите за ЕП, да бидат официјално ангажирани во систем на натпреварување за време на неделите на ЕХФ.
Па така, Македонија, заедно со Словенија и Норвешка, четирите екипи што имаат директен пласман на ЕП 2022, ќе играат меѓусебе на турнир кој сам по себе и нема резултатско значење.
Македонија во првите две кола ќе игра против Црна Гора и тоа почнувајќи на 7 октовмри и на 10 октовмри (на гости). Савевски се реши на кои 35 ракометарки ќе им даде шанса сега, со напомена дека на ниту една ракометарка вратата не и е затворена.
„Пчнуваме на 30 октомври со ракометарки од домашниот шампионат. Така ќе се подготвуваме 3 дена, а потоа ќе се приклучат и деветте интернационалки по што ќе биде составен скратениот список од 21 ракометарка“, изјави за g-sport.mk селекторот Савевски.
За селекторот на Македонија најбитно е да види и тестира во каква првенствено физичка форма ќе пристигнат кандидатите. Еден од (нај)важните услови за добивање на репрезентативен дрес ќе биде професионализмот, односно желбата и волјата на ракометарките да напредуваат. Физичката подготвеност преку која ќе се „мери“ како тренираат за време на клупските обврски и во паузите меѓу настапите за репрезентацијата ќе покаже дали играчот напредува, стагнира или назадува, а тоа секако ќе се одрази и на нивниот статус во репрезентацијата.
„Немаме многу време во тие неколку дена на располагање да правиме и физички подоготовки. Кандидатите за репрезентација треба постојано да работат во рамките на клубот, ако треба и самоиницијативно, индивидуално и да задржуваат и подобруваат нивото на кое се наоѓаат“, вели Савевски.
Неспремните играчи, нема да имаат светла репрезентативна иднина, но ова е почеток и засега сите се на списокот на играчи што ќе добијат фер шанса да се претстават во најдобро издание.