На натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите, во кое во Скопје ќе допатува стариот познаник Мешков Брест, Вардар нема да биде комплетен.
Најголемото вадарово засилување, Анте Кудуз ќе го пропушти и вториот натпревар од Лигата на шампионите. Хрватскиот бек се исфорсирал во обидот да се рехабилитира што побрзо и сега има контра ефект од рехабилитацијата во вид на воспалена тетива.
Тренерот Веселин Вујовиќ изјави дека тој најверојатно нема да биде во составот за дуелот со Мешков Брест, а нема да биде ниту крилото Јан Чувара. Полскиот ракометар се повреди на првенствениот меч на црвено-црните со Радовиш и Дибиров ќе биде 60-минтната опција.
Од таборот на противникот, пак, стигнуваат слични информации. На нивниот квартет на повредени играчи, Пешиќ, Селвасјук, Пачковски и Будејка се приклучи и словенечкиот бек Јака Малус. Оваа петорка не играше на последниот првенствен меч во Минск и јубилејната 50-та победа по ред.
Дали некој од нив ќе биде спремен за пат во Скопје, ќе се знае за многу брзо време.
Дуелот меѓу Вардар и Мешков Брест ќе се одигра во среда во „Јане Сандански“, со почеток од 20:45 часот.