Денеска почнува шестиот меморијален турнир „Миле Нешкоски“ во организација на РК Прилеп 2010, годинава со меѓународен карактер, со учество на екипата на Дубочица од Србија.
Меморијалниот турнир ќе се отвори со говор кој поради Ковид протоколите ќе биде на отворено, пред Универзалната сала во 16h. Сите натпревари ќе бидат од затворен карактер, односно без публика, согласно новите рестриктивни мерки од Владата на РСМ, но истите ќе се пренесуваат на Livestream.
Миле Нешкоски направи незаборавни резултати, придвижи промени во прилепскиот ракомет и со неговиот позитивен и натрепварувачки дух беше вистинска насока за многу соиграчи и млади таленти.
Во продолжение Ви го споделуваме распоредот на натпреварите.
Тренерот на прилепчани, Горан Кузманоски ја испече првата дебитанска сезона и сега посигурен во се што се работи влегува во новата авантура.
„Турнирот е добредојден за согледување на формата на екипата, бидејќи се се игра квалитетен ракомет. Странскиот гостин, Дубочица не е непозната екипа, Еурофарм Пелистер 2 е засилен, има четири репрезентативци во својот состав, Тиквеш, во последниве две години вложи многу и има доста квалитетни засилувања годинава.
За квалитетот на нашата млада екипа говори тоа што од нашиот состав има кадетски репрезентативци на последниот Шампионат во Скопје. Од нив, двајца беа во потесниот состав на репрезентацијата. Знаеме дека сме на вистинскиот пат, продолжуваме како клуб да создаваме репрезентативци. Во поширокиот состав на таа кадетска репрезентација имаше дури девет ракометари кои беа токму од школата на РК Прилеп. Овој податок е заслуга на претседателот на РК Прилеп, Александар Мариновски кој долги години се обидува финансиски и технички Прилеп да има врвен ракомет“, вели Горан Кузманоски.
„Морам да изразам благодарност до Општина Прилеп, која од општинскиот буџет издвојува една сума за ракометот, но таа не е доволна. Благодарност до СОУ „Ристе Ристески Ричко“, што ни овозможува да ја користиме нивната спортска сала за потребите на клубот. Но, сепак „Универзалната сала“ е ракометниот спортски храм во Прилеп за развој на ракометот и постојаност на РК Прилеп во зачувувањето и градењето на ракометот во овој град“. рече претседателот на клубот, Мариноски.
Вторник:
16:00 часот, Свечено отворање на турнирот
18:00 часот, Прилеп – Струга
20:00 часот, Дубочица – ГА КЛ7
Среда:
10:00 часот, Струга – Тиквеш
12:00 часот, ГА КЛ7 – Еурофарм Пелистер 2
18:00 часот, Прилеп – Тиквеш
20:00 часот, Дубочица – Еурофарм Пелистер 2
Четврток
09:00 часот, натпревар за петто место
11:00 часот, натпревар за трето место
13:00 часот, финале
14:30 часот, свечено доделување на награди