Романија бара спас од сама себе

Неодамна во квалификацискиот бараж за настап на СП, се сретнаа женските сениорски репрезентации на Романија и на Македонија. Епилогот е две лесни победи на Романија и видливо разочарување кај македонскиот дел на јавноста од „леснотијата“ со која противникот обезбеди место на мундијалот. 
Не е за чудење, просечниот македонски (не)ракометен фан е навикнат да гледа низ призмата на успесите на Вардар, а во женскиот ракомет низ успесите на ЖРК Вардар и уште порано Кометал Ѓ. П. 
Но, реалноста е „малку“ поинаква. 



„Па како е можно да загубиме 15 гола разлика во Скопје? Ништо не играме. Крив е селекторот, тој не знае. И РФМ...и  играчите. Мора да имаме подобар селектор, а и играчи од овие што загубија 15 разлика“... вака некако би почнала најверојатната анализа од тие за кои се игра ракометот, а и спортот воопшто.

Модерниот спорт си има своја „Библија“, а во неа точно низ бројки се запишани псалмите како тоа се стигнува до мундијалските височини. Малкумина веруваме во барањето на причини поради кои во Скопје резултатот беше каков што беше, рекоа., „Па добро, игравме со земјата која ја има најсилната лига во Европа“.
Којзнае дали е најсилна, но најбогата ќе да е. 

ЧСМ Букурешт има буџет од околу 5 милиони евра, Бистрица околу 3.5 милиони, Браила, Баја Маре, Рапид, Влчеа имаат над 2 милиони евра буџет. Целата лига, надминува 20 милиони евра. 
Доволно е, овде ќе прекинеме со споредбите, затоа што Македонија и Романија ги искористивме само како вовед, но тие не се тема на приказнава, инспирацијата ја добивме од Георге Тадичи, поранешен селектор на Романија кој јавно повика да се преземат драстични мерки за спас на женскиот ракомет во Романија. 
Звучи чудно, лига со буџет од 20 милиони, со постојани учесници во ЛШ и европските купови, со настапи на мундијали и европски првенства, да повикува за спас? Од кого или од што се спасуваат? 

„Од 2018 сме во целосна регресија. И кај сениорките и кај јуниорките. Се случува во ростерот да има 12 странци, многу периоди на натпревар на кој на терен нема ниту една романска ракометарка“, вели тренерот на Залау кој вчера го „испраши“ Рапид за трето место, додека Бистрица му ја зема првата титула на ЧСМ Букурешт сезонава. 

Тадичи предлага три правила со кои би се создале шанси за романските играчи да не бидат прегазени од буџетите, пардон странците. 

1. Најмалку 8 домашни играчи во записникот на секоја екипа.
2. Во секој момент на терен да има најмалку три домашни играчи сезонава, а четири следната.
3. На секој натпревар да има најмалку 15 минути за У21 играч и 30 минути за У23 години играч. 

Тадичи постојано повикува на ова, иако романската федерација не сака да чуе. А и има и причина за тоа, причина што се пишува со шест нули. 

Трансфер политиката во Романија е за првите два странци клубот да плати по 1.000 евра. Третиот странец чини 2.000, четвртиот 3.000, петиот 4.000... Така доаѓаме во ситуација, ЧСМ Букурешт за странците во клубот да плати на федерацијата 67.000 евра, Дунареа 56.000, Влчеа 45.000, Баја Маре и Бистрица по 29.000. Или, од само пет клуба, романската федерација на име трансфери заработува 226.000 евра. 
Во 14 екипи од националниот шампионат, пак, играат 78 странски играчи.  Ова се суми само од женскиот ракомет. 
Парите треба(ше) да одат во развојните, програми за млади играчи, но место тоа одат во огромни плати во сојузот. Клубовите, пак, не се обврзани да имаат јуниорски екипи на сите нивоа на натпреварување. 

„Најбогатите клубови, кои ги носат во своите редови најкваитетните јуниори, ги користат само против слаби противници, колку да испочитуваат дека имаат играчи У23 и У21, а со ништо не се трудат да ја зголемат нивната вредност“, открива Тадичи слабост во својот предлог број 3 што v усвоен. 

И не е само тоа, туку клубовите односно тренерите за да го заобиколат ова правило користат разни трикови со кои на крајот излегуваат смешни и тие и играчите и правилото и спортот со кој се занимаваат. 
Имено, доста тренери во игра внесуваат млад играч само додека е играта во прекин или се шутира седмерец. Играчот минува десетина секунди на терен и излегува, а тоа му се брои како да настапил една минута. 

Многу екипи дури и не успеваат и вака да исполнат квота минутажа, па затоа и си плаќаат пенали што во случајот на ЧСМ Букурешт на пример се 10.000 евра. 

Тешко е да се дефинира и од кого бара спас Тадичи? Очигледно на федерацијата, а и на клубовите не им одговараат овие правила. Дури и од фелата нема поддршка, па така, селекторот на женската репрезентација на Романија, воедно и тренер на ЧСМ Букурешт, во летниот преоден рок отпушти пет романски ракометарки (Пинта, Перјану, Деду, Базалиу и Моиса) а доведе две 18 годишни ракометарки Гогирла и Алинкаи. 

И сето ова е во женскиот ракомет, каде што имаат успеси. Кај мажите, пласманот на ЕП им зависеше од дуелите со Косово и на тие две средби освоија само бод. Сега, таму спас ќе им бара и наоѓа - Хавиер Пасквал. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk