ЕГИПЕТ - ГЕРМАНИЈА 31-26 (16-12)
Кун 6, Гоља 6 - Заин 5, Јахја 5
Египет ја шокираше Германија и ја елиминираше во 1/4 финалето на олимпискиот турнир. Според прикажаното на теренот, Египет славеше сосема заслужена победа и задутре ќе ја предизвика Франција за влез во финалето.
Египетскиот тим предводен од Гарсија Парондо, некоганиот тренер со кој Вардар освои шампионски пехар од ЛШ, беше подобриот противник. Парондо имаше повеќе опции, а замената за Палмарсон во Барса, Али Заин одигра уште еден одличен меч. Поддршка имаше од Омар Јахја од Веспрем, легендарниот Ел Ахмар си погодуваше кога треба, најчесто од седум метри и „фараоните“ во поголемиот дел од натпреварот имаа плус четири-пет гола.
На прв поглед неверојатно, но под површината се деталите што овој епилог го прават не се само неверојатен - не.
Денеска Германија немаше поддршка од Битер и Волф на голот. На крила, место Гензајмер и Грецки, ги гледавме Шилер и Кастенинг, во тимот ги нема пикерите Винцек и Колбахер, а надворешно Друкс, Вебер не покажаа квалитет за полуфинале.
Каи Хафнер и Јулиус Кун беа единствените што во нападот водеа вистинска битка, а тоа е едноставно премалку. На Алфред Гисласон денеска убаво ќе му се најдеше бек како Дизингер, но тој не им беше потребен кога се делеа олимписките билети.
Славе Николов и Ѓорѓи Начевски имаа полни раце работа. Оваа средба ги имаше сите елементи на ракометна војна, но за судии што израснале среде војната Вујовиќ - Червар, односно Вардар и Металург, ова беше...како да кажеме... лесна работа. Имаа контрола цел меч македонските судии и одсудеа уште една врвна партија.