Женската кадетска репрезентација во обид да се пласира на ЕХФ Еуро ќе патува во Литванија.
Селекторот Љубомир Савевски има 17 ракометарки на подготовките во Скопје, играчи што во четврток ќе патуваат за Клаипеда, Литванија, а во петок ќе ги почнат натпреварите од ЕХФ Шампионатот.
Македонија отвора со Косово, а потоа ќе игра против Литванија, Шпанија и во последното коло против Финска.
„Ова е прв собир на оваа генерација на ракометарки. Одработивме колку што можевме со времето што ни беше на располагање. Имаме проблеми и со повреди, не се сите играчи фит, но тоа е нешто со кое ќе мораме да се избориме“, вели селекторот Савевски.
ЕХФ Шампионатот е за девојки до 17 години и од овој турнир се обезбедува пласман на ЕХФ Еуро, ранг погоре во натпреварувањето.
Победникот на турнирот ќе ја има таа чест, додека поразениот во финалето ќе има дополнителни квалификации.