Германија фрли бод во бунар

Франција и Германија одиграа интересен натпревар, меч во кој имаше бројни убави потези, не недостигаше ни резултатска драма, а на крајот победи Франција, минимално 30-29. 



Франција поведе со 7-2 по првите 10 минути од натпреварот и се чинеше дека место дерби ќе гледаме игра на „мачка и глушец“. 
Но, не издржаа избраниците на Бертран Жил во темпото, а Германија чекор по чекор се враќаше во игра. На полувреме беше 16-13 за Франција, а по само неколку минути игра во вториот дел, Германците беа комплетно назад во игра за бодови и беа само гол заостаток. 

Никола Карабатиќ, како еден од повозрасниот дел од тимот немаше некоја запазена улога. Дика Мем и Н'Гесан беа лидерите на бековската линија. Крилата Деска и Гигу исто така ја поправија својата лична олимписка статистика. 

Алфред Гисласон, селектор на Германија не остави со доста прашалници и по оваа средба. Како и да е, голманот Волф возврати за довербата во вториот дел кога Германија се враќаше во игра, но тоа не важи и за Пол Друкс кој стана централната фигура денеска. 
Овој 26 годишен бек на Берлин, во последните две минути имаше две лоши додавања, практично во бунар фрлени топки.  Тие две грешки ја запечатија судбината на Германија која од нерешено отиде на минус два и веќе не можеше да ја стигне Франција. 
Последниот гол на Германците е чиста козметика на резултатот. По голот за 29-30, на Франција и остана гол предност, посед и само три секунди до крајот.

Натпреварот на која имаше многу ситни фаули и одлуки за кои е потребно големо познавање, одлично го судеше македонската судиска двојка Начевски и Николов.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk