ЕП моделот е катастрофален за Македонија и пола Европа

Европската ракометна федерација (ЕХФ) неодамна се пофали дека формирала две нови Комисии. За машки и женски репрезентации. Одлично. Токму тие ни требаа. 

На оваа тема веќе имаме пишувано, но немаме намера да ја оставиме додека не ги потрошиме сите зборови. Се работи за барање за промена на системот по кој се игра на ЕП од шест во четири групи. 




Неодамна се формирани две нови комисии во ЕХФ, комисии што ќе се занимаваат со проблемите на машките и женските репрезентации. Првиот состанок го одржаа, вториот ќе го одржат во октомври. Се надеавме дека тогаш на маса ќе имаат предлог потпишан од десетици федерации што ќе бараат системот по кој сега се игра ЕП, а тоа е шест групи со по четири репрезентации, да биде променет во систем во кој ќе бидат четири групи, со по шест репрезентации. 

Актуелниот модел, прифатен за ЕП 2020 кое имаше три земји домаќини и прв пат 24 репрезентации помина незабележано во сенката на проширувањето на ЕП од 16 на 24 репрезентации. Осум плус среќници што ќе ја почувствуваат магијата на ЕП. 
Чекор кон проширување на големото европско семејство. Стигна дедо Мраз, Честит Божиќ и среќна Нова година за сите што слават ракомет во јануари. 

Требаше да помине едно такво ЕП и да стигнеме пред портите на второто за да сфатиме дека тоа не е Дедо Мраз туку е истиот ракометен тато што облекол црвен капут и ставил долга бела вештачка брада. 

По едно такво искуство и следното во подготовка, проширувањето на 24 репрезентации веќе не го гледаме од агол на зголемување на ракометното семејство туку како чекор на поделба на репрезентациите на прв и втор ешалон. 
Таква поделба затскриена од сенката на мултимилионскиот договор и зголемените премии за учесниците во ЛШ веќе наголемо е сервирана на клупски план. Поминаа низа „правила“ од типот 6 вајлд карти за ЛШ што е повеќе од 1/3 од вкупниот број на учесници и нема да се изнанедиме ако наскоро за учество во ЛШ биде воведен и критериум „висина на буџет“. Тогаш поделбата ќе биде комплетна. 

Што добивме со пропширувањето на ЕП на 24 репрезентации што се игра по моделот 4х6? 
ЕП завршува по само три натпревари за пола од репрезентациите. Дури 12 од 24 тима дома си одат по пет дена на ЕП. 
Понатаму, системот на рангирање низ квалификациите е директно поврзан и со настапот на претходното ЕП, па така најдоброрангираните екипи нема да се сретнат меѓусебе во прелиминарната чистка. На минатото ЕП имавме исклучоци кога Данска и Франција си заминаа дома по три меча, но тоа го гледаме како грешка што мора да се исправи. 

Македонија конкретно во последните квалификации за ЕП освои 10 бода, а тоа е максимум бодови што може да ги освои второпласирана репрезентација. И во ждрепката за ЕП бевме само едно место пред четвртиот шешир! 
Зошто? Затоа што во 2020 на ЕП бевме 15-то место. 

Следи ЕП Унгарија и Словачка. Одново пола Европа ќе си оди дома по три кола. Цела година квалификации, играње во Ковид услови, одложување натпревари, подготовки, трошење пари и труд, создавање тимови и потоа, три натпревари и назад. 
Тоа може да го класифицираме и како обезвреднување и непочитување на трудот и средствата што го вложуваат федерациите во своите национални тимови. 
Патем, тие што по три меча ќе си одат дома, автоматски се и во вториот шешир за баражот за СП, каде што подоброрангираните одново се разминуваат и нема да играат меѓусебе. А и ако некоја од нив „киксне“, ИХФ има спремно вајлд карта за да го поправи тоа. И таа валјд карта не се доделува според пласман, туку според желбите на ИХФ.
И потоа одново што и да направат во квалификциите во кои ќе влезат од трет шешир, нема да можат напред затоа што одново пласманот на ЕП ќе им се удри од глава. И се така како жетварски коњи ќе вртат бескрајно во кругот. 

Следи ЕП Унгарија и Словачка. Македонија конкретно е во групата со Словенија, Данска и Црна Гора. Првото коло го играме со Словенија. Тоа ќе биде почеток и крај за едните или другите. Дури не се ни три, туку по еден меч ќе заврши ЕП. 
Кому ќе биде интересен во следните два меча поразениот?! Ќе се радува ли некој во студените јануарски денови на следниот меч?
Поразениот нема да мора ни да се распакува до крај. Ќе остане да се моли за епилог во кој ќе се пребројува гол разлика на евентуална мини табела. Сеедно, два тима од четири ќе си одат дома.
Потоа тоа можеме и да гарантираме, ќе бидат виновни федерации, селектори, играчи и се што носи рана елиминација. Иако не ни добиле вистинска шанса. 
Ова е ситуацијата во која се Македонија, Црна Гора и Словенија. 
Таков е случајот на секаде. Што да каже на пример Србија? По цели десет години од финалето во Белград конечно имаат тим на кој се радуваат и одново во Белград се слуша за ракомет. За прв пат донесоа странец за селектор, вратија од француската во својата репрезентација играч..
И? Во група се со Франција и Хрватска. 
И така би можеле редум, од група во група. Секаде е истата приказна. 

ПОТРЕБА ОД ИТНОСТ
ЕХФ  не само што формираше комисија што ќе се занимава со проблемите на репрезентациите туку и ги соопшти имињата на кандидатите за домаќини на ЕП 2026 и 2028. Само двајца кандидати за 2026. Швајцарија против здружените сили Шведска-Данска-Норвешка. И тоа воопшто не е чудо. Чудо е што има и двајца кандидати. 

Играњето 6х4 значи и 6 сали, 6 градови. Која сингл држава освен Германија и Франција може тоа да си го дозволи? А притоа да не се игра во сала што не видела врвен ракомет или врвен тим никогаш во животот?

Поради овие кандидатури се јавува потреба од итност. Ако се развие планот и почнат презентациите и лобирањата нема да има промена на системот. Шведска, Данска и Норвешка се фаворити во однос на Швајцарија. Добијат ли тие три домаќини, ќе си добијат по две групи и потоа е доцна, овој систем ќе опстане и во 2026 и 2028, а тоа за Македонија и пола Европа се загубени 6-8 години.
Тоа ќе биде пресуда да се игра епизода, споредна улога во филмот во кој 12 екипи ќе играат на ЕП, а 12 ќе бидат декорација во која е вложено премногу за да биде само декор. 

ШТО БИ ДОНЕЛ СИСТЕМ 4Х6?
Системот 4х6 е веќе виден на Светските првенства. ЕП нема да загуби ни од квалитет, ниту од атрактивност, ниту пак ќе има зголемен број на натпревари. Напротив, сето тоа може да се организира на начин најсилните одново да бидат во директна битка, а послабите да имаат барем 5 натпревари за играње. Тука ќе имаат шанса и за поправен и за понекоја победа. И ЕП нема да им трае 5 туку 10 дена. Ако ништо, трудот ќе биде валоризиран. 

Потребно е федерациите на земјите што се директно погодени од овој систем на играње, а тоа покрај Македонија се и Србија, Црна Гора, БиХ, Словенија, Русија, Белорусија, Полска, Чешка, Литванија, Холандија итн. заеднички да настапат и да побараат промена на моделот. 
Доколку сега премолчат, ќе им се случи тоа што им се случува во Лигата на шампионите, тивка елиминација. 

Русија лани не доби место во ЛШ, годинава на ред е Словенија, нема да мине долго време кога и пред нашата порта ќе заигра мечката. 
Ова е сериозна работа, која бара и сериозен пристап. Повеќе анализирање, мерење на позитивни и негативни страни, создавање на конкретен предлог. Или отфрлање на идејата и оставање за проблемите на репрезентациите да се грижи комисијата што неодамна ја создаде ЕХФ. 

Ричи Ѓамовски




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk