ПАТОТ ДО ТИТУЛА: Како Кометал пред 19 години стигна до пехарот

Гордана Нацева, Луминица Дину, Ирина Калиниченко, Индира Кастратовиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Олга Бујанова,  Андријана Будимир, Мирјана Чупиќ, Лариса Кисељова, Ања Андрушенко, Наталија Малахова, Окасна Плошницкаја и Елена Златановска, со рускиот стретег Александар Панов на клупата е поставата што пред 19 години ја донесе првата шампионска титула во ракометна Македонија



Кометал Ѓ. Петров беше ракометниот симбол на Македонија во деведесеттите, единствениот спортски колектив на рамниште на најдобрите во Европа. Но, тогашниот ракомет и сегашниот битно се разликуваа. И во однос на организираноста, начинот на кој се играше (немаше брз центар, се играше на поставени одбранбени зони), во ростер имаше 12 играчи и општо квалитетот на екипите беше поинаков. 
Австрискиот Хипо со Гунар Прокоп на најгорната скала на женскиот ракомет, од Виена ги влечеше сите конци и малку екипи имаа шанси против таа машинерија што функционираше и на и околу терен да се борат рамноправно за шампионскиот пехар. 
Силни тимови што за жал денеска или не се на тоа рамниште или воопшто ги нема беа страв и трепет за цела Европа. Би ги споменале покрај Хипо и екипите на Ларвик, Виборг, Аква Волгоград, ФТЦ, Дунафер, МАР Валенсија и секогаш незгодните Крим, Подравка и Будуќност. 

Кометал Ѓ. П. и злогласната скопска тврдина „Кале“ беа место каде што никој не сакаше да гостува. По несреќното финале од 2000 година, каде за едно полувреме во Виена, ги загуби шансите за пехар од Хипо каде тогаш играа Станка Божовиќ, Аусра Фридрикас, Светлана Мозговаја итн, Кометал доби уште една шанса да се бори за трофеј.
Во прилог на македонскиот состав таа 2002 година одеше тоа што Хипо не ја мина групната фаза откако загуби од шпанската Феробус Мислата и унгарскиот ФТЦ Ференцварош. Екипи со кои Кометал вкрстуваше до крајот.
Кометал во групата имаше два моќни противника. Аква од Волгоград со Чаусова, Бодњиева, џинот Поленова и Наукович и словенечниот Крим со Дерепаско, Чечкова, Фрешер, Долер... Тоа беа антологиски натпревари, но...

Тие што тогаш ги следеа Кометал Ѓ. Петров веројатно ќе се согласат дека најтешкиот меч, воедно и средбата која е меч на сите мечеви за Кометал Ѓ. П. не е групата, па дури не е ниту финалето, туку полуфиналната пресметка со Ларвик.
Во Норвешка беше 29-22 за Ларвик за кого играа Тоње Ларсен, Кристине Дуволт итн. а млади ѕвезди за кои подоцна ќе дознеа целиот свет беа Катја Ниберг и Хајди Локе. Кометал, уште еднаш беше отпишан... 
Салата „Кале“ никогаш пред тоа и потоа не била таков вулкан за Кометал. Особено откако почна мечот, а серијата одбрани на Луминица Дину се претвораше од контра во контра и Кометал почна да стигнува, 5-1 6-1, 7-1... целата предност да Ларвик се стопи за 15-тина минути, а ракометното лудило го зафати Скопје. Конечни, 28-21, Кометал се пласираше во своето второ финале. Се снимаа песни, спотови, се славеше клубот, а билет за финалето - е тоа беше невозможно да се најде. 

Точно еден месец подоцна во Скопје пристигна ФТЦ Ференцварош. Секогаш силната Унгарија во Скопје ги испрати овој тим предводен од вонсериската Агнес Фаркаш со плус два (27-25). Предност што се стопи уште пред да почне натпреварот во жешкото „Кале“. 
Следеа многупати опишаните моменти, шраубата на Индира, бомбите на Будимир и Бујанова, ѕидот што го градеа Велков и Платон... Се друго е историја и веќе многу пати кажано...

Денеска таа шампионска титула полни 19 години, а македонскиот женски ракомет е во позиција од која изгледа дека никогаш веќе нема да се направи таков подвиг, особено понеколкуте ппропуштени шанси на Вардар. Но, ако некој пред 19 години прашаше дали имаме шанса и во машки ракомет да освоиме титула, одговорот, го знаете. 
Па сепак, 15 години по женската добивме шампион и во машка конкуренција, така што оваа приказна се надеваме не е завршена. Само да не мораме да чекаме нови 15 години...

ПАТОТ НА КОМЕТАЛ Ѓ. ПЕТРОВ 
Финале
Кометал Ѓ. П. - Херц   26-22
Херц - Кометал Ѓ. П.    27-25

1/2 Финале:
Кометал Ѓ. П. - Ларвик 28-21
Ларвик - Кометал Ѓ. П. 29-22

1/4 Финале:
Кометал Ѓ. П. - Феробус Мислата  22-22
Феробус Мислата - Кометал Ѓ. П.  22-32

Група:
Кометал Ѓ. П. - Аква Волгоград  20-19
Монтекс - Кометал Ѓ. П   21-38
Кометал Ѓ. П.  - Крим   27-26
Аква Волгоград - Кометал Ѓ. П.   23-23
Крим - Кометал Ѓ. П.   26-22
Кометал - Монтекс  28-25

2. Коло
Напредак Крушевац - Кометал  21-33
Кометал Ѓ. П, - Напредак  27-16

1. Коло
Шпоно Нотвил - Кометал Ѓ. П.  13-39
Кометал Ѓ. П.  - Шпоно Нотивил  42-20
 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk