Петар Ангелов - Диви, македонската ракометна легенда, следните четири години ќе биде ангажиран во неготинскиот клуб Вардар.
Вардар Неготино, клубот што ја продолжи традицијата на неготинскиот ракомет што пред него ја градеше клубот Повардарие, следната сезона ги зголемува амбициите на сите полиња, вклучително и амбицијата за враќање на Неготино на суперлигашката карта.
Клубот во март го ангажираше Аце Станковски, мастер коуч, тренер со големо искуство во работа и во клуб и во репрезентација, а денеска се договори со ново засилување. И тоа не какво било. Со план за подолгорочна соработка во Неготино доаѓа Петар Ангелов - Диви, македонската голманска легенда.
Петар Анеглов и Вардар Неготино се договорија за соработка од четири години. „Две плус две“ гласи официјалната формулација. Ангелов ќе биде активен играч, а паралелно ќе работи и со тренерскиот тим. Во план е и пообемен ангажман, формирање на група, школа за голмани што ќе ја води Ангелов, а во која ќе бидат вклучени играчи што ќе бидат тренирани од Ангелов.
„Искуството на Петар Ангелов стекнато во Македонија и странство и неспорниот квалитет ќе биде од големо значење за нашиот клуб. Сакаме да го искористиме неговиот потенцијал и знаење и да бараме начин како тоа да биде пренесено кај помладите генерации. Со Ангелов се договоривме на две плус две години, ќе формираме школа за голмани и со нетрпение го очекуваме почетоко на соработката“, вели претседателот на клубот Ристе Трајковски.
„Целта на Вардар Неготино уште од неговото формирање е да го врати во живот ракометот во Неготино. Во овој град ракометот има долга традиција, клубот Повардарие беше еден од најстарите клубови во Македонија, но не успеа да опстане, па имаше и долга пауза, околу осум-девет години.
Вардар Неготино ја возобновува оваа традиција, а сега сме дојдени до момент кога сакаме да го вратиме назад и на суперлигашката сцена.
Го ангажиравме Аце Станковски, сега го носиме и Петар Ангелов, во клубот ќе останат и најважните играчи, а ќе имаме и други засилувања. Целта не е само гола борба за бодови. Градиме проект што ќе биде стабилен, ќе работи сериозно со младите категории, ќе го заживее ракометот не само во Неготино, туку воопшто во тиквешијата“, вели Трајковски.
Вардар Неготино во моментов игра во Прва лига, а оттаму ќе ја почне и следната сезона во која веруваме дека ќе изгледа сосема поинаку и ќе ги врати во салата љубителите на ракометот уште во првиот момент кога тоа ќе биде дозволено.