Иван Марковски уште три години во Металург

Металург плановите за силен и респектабилен тим ќе ги прави и спроведува заедно со тренерот во следните три години. 



Металург и Иван Марковски се најдоа на иста бранова должина. Имаат заеднички планови, идеи, задоволни се од соработката и денеска се договорија тоа и да го официјализираат во вид на тригодишен договор. 

„Ние се имавме договорено кога почнавме соработка, но немавме потпишано. Сега по малку минато време и заедничка работа, официјализиравме. Со претседателот на клубот, Зорица Блажевска имаме одлична соработка, разбирање, а тоа е основ за остварување на планираните цели.
Металург мора да го вратиме таму каде што му е местото, во врвот на македонскиот ракомет во битка за пехарите и добри резултати во Европа. Голем момент, голем чекор во вистинскиот правец е потпишувањето на Златко Хорват за следните две сезони. Јас кога дојдов бев голем ентузијаст, сега сум сигурен дека правиме добра работа и мораме да продолжиме. Најважен ни е следниот месец, секој меч за нас е од големо значење за да обезбедиме добар пласман на крајот на сезоната“, вели Марковски. 

- Како тренер што има и искуство во менаџерски води и трансфери, како го замислуваш клубот следната сезона?

„Можам да кажам дека Металург ќе биде атрактивен и респектабилен клуб. Толку можам да кажам во моментов. Во напредна фаза од преговори сме со неколку добри играчи, но ќе мораме да бидеме трпеливи, додека не биде официјално. Клубот треба и финансиски да се стаблизира во наредниов период. Мораме и тука да бидеме трпеливи, но ако сега можеме да направиме добри резултати, сигурно ќе биде многу подобро и полесно кога и тоа ќе биде решено. 
Во секој случај, со Хорват добиваме многу, но тоа е првиот чекор кон задржувањето на најдобрите играчи и за следната сезона. Секако има и такви ракометари што треба да докажат дека можат да играат во Металург и понатаму. Оптимист сум, убеден сум дека почнуваме убава приказна и дека брзо ќе го вратиме Металург на своето место“, вели Иван Марковски. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk