Алушовски нема да биде тренер на Вардар по јуни

Вардар 1961 ќе има нов тренер за следната сезона. Стевче Алушовски во јуни го напушта кормилото на црвено-црниот брод. Информацијата ја потврди Алушовски.



Стевче Алушовски нема да биде тренер на Вардар откако ќе заврши тековната сезона. Долго време се зборува за негова смена, јавноста е незадоволна од резултатите и како и секогаш точно знае на кој натпревар како и кога погрешил, едно по едно работите одеа во правец што денеска и не е изненадување што Алушовски веќе нема да го води клубот од клупата. 

„Можам само да кажам, дека по завршувањето на сезоната, нема веќе да бидам тренер на Вардар“, изјави за g-sport.mk Стевче Алушовски. 

Дали ќе остане во клубот со друга функција или разделбата ќе биде комплетна засега е отворено прашање, а одговор, секако, ќе добиеме наскоро. 

Од наш агол, Алушовски сосема коректно си ја одработе својата работа како тренер на Вардар и покажа дека и македонските тренери не се за занемарување или потценување. Силата на Вардар под негова команда, ја видовме кога и каде што најмногу требаше, во дуелот со Е. Пелистер за шампионската титула во Македонија. 
Во Лигата на шампионите, резултатите евидентно не беа според очекувањата. Но, прашање е дали резултатите или пак очекувањата беа нереални. Факт е дека Вардар веќе не е тој тим што ја освојуваше ЛШ, играчките промени беа преобемни, замените не се од рангот на играчите што заминаа.
Па, сепак, не може да се занемари дека Вардар го совлада Флензбург, нешто што им појде од рака годинава само на Кил и ПСЖ. Во сличен контекст би можеле да го кажеме и за некои натпревари на кои реално можеше резултатски подобро да помине. 
Сега веќе сеедно, но останува сезоната да биде доиграна на потребното ниво и да се завери шампионската титула во Македонија. 
Потоа ќе гледаме нов Вардар, со нови играчи и нов тренер. 

Неофицијално, прв фаворит за местото што ќе биде испразнето е Веселин Вујовиќ. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk