ЕП е систем што мора да се смени!

Гледајќи како се радуваме и се радуваат репрезентациите низ квалификациите на секоја победа, на секој бод, пласманот, шансите за пласман на ЕП, не може да не помислиме, зошто нивниот труд е толку малку вреднуван.



Симната шапка и наклон до под заслужуваат федерациите за организацијата, дисциплината и трпението што го покажаа во организација на квалификациските дуели годинава. Во услови на Ковид, затворени граници, протоколи... 
Некако се поднаучи лекцијата како треба во време на пандемија и со мали исклучоци, се е на прагот да заврши во предвидениот рок. Тоа не беше ни ефтина, ниту едноставна мисија. За исплатливост во празни сали, не треба ни да говориме. 

Со задоволство ги следевме како ентузијастички Полска ја доби Словенија и нивната радост што ете се речиси на ЕП. Литванија може да го прогласи 29 април за државен ракометен празник, радоста на Ф. Острови, од друга страна фрустрацијата на Романците или пак на Италијанците кои беа на еден пенал оддалеченост од ЕП. 
Знаеме и како им е, сме биле и тоа не еднаш во кожата на БиХ, Австрија, Украина кои во вакви моменти пресметуваат гол-разлики, анализираат сценарија, се подготвуваат психлошки за следниот последен решавачки меч како за лет во вселената. 

Гледајќи како се радуваме и се радуваат на победите, пласманот, шансите за пласман на ЕП, не може да не помислиме како понатаму ќе се одвиваат настаните.
Тежината на ова што го пишуваме ќе ја видите на 6 мај. Тогаш, целиот овој ентузијазам кај пола од екипите ќе спласне. Ќе спласне во моментот кога ќе се дознаат групите. Дека сето ова, цела година подготовки, собири, вложувања, очекувања се само за три натпревари на ЕП! 
Токму така, „баш“ како пуцкањето со прст на марвеловиот Танос, точно пола екипи од ЕП ќе ги снема по три натпревари. 
Ќе додадеме и дека благодарение на квалификацискиот систем за СП исто така режиран од ЕХФ, 90 % од истите репрезентации со само еден двобој ќе бидат елиминирани и во баражот за СП и нема да видат мундијал.

Се поставува прашањето, зошто е толку малку вреднуван сиот овој труд на федерациите? Како да се направи стабилна репрезентација кога наградата е само три натпревари на ЕП? Зошто и беше проширувано ЕП на 24 тима? За да се залажат послабите репрезентации дека играле на ЕП? 

Имаме такво искуство, еднаш и не сакаме да го повториме. Лани во Виена. Како да ви го опишеме чувството кога се разминувавме со Червар, Карачиќ, Циндриќ во хотелот во Виена? За нив првенството допрва почнуваше, стигнаа полни со елан, а ние уште не научивме од „прва“ да погодиме по кој пат се стигнува од прес центар до трибина, веќе бевме спакувани за дома. 

Тежината на ова што го пишуваме сега ќе ја видите на 6 мај, кога некој среќник од трет и четврт шешир ќе ја добие Данска или Шведска за противник од вториот. Тие две во комбинација со првиот шешир се гарант за повратниот билет на екипите од трет и четврти шешир.  Што да кажат тие што ќе ја добијат Унгарија од вториот шешир, а според поделбата по градови тие најверојатно ќе ја добијат уште и Норвешка или Шпанија од првиот. 
Би сакале, навистина, Франција од третиот шешир да биде во иста група со Данска или Шведска од вториот.  Така и тие од првиот шешир што во моментов се комотни и не гледаат од аголот кој гледаме ние, би виделе и почувствувале дека моделот по кој се игра ЕП е лош и мора да се менува. 

Не треба многу. Промената повеќе би била суштинска отколку техничка. Доволно е место сегашните шест групи по четири екипи, да се игра четири групи со по шест екипи, па потоа елиминации или нови групи, но тоа е работа на анализа и договор.
Така сите екипи би добиле најмалку пет натпревари што е шанса да се исправи некоја грешка, шанса да се извојува победа плус, а (по)добрите би влегле и во елиминации... познат систем, така се играше на СП во Катар на пример. 

Балканските федерации би требало да се во првиот ешалон и жестоко уште „вчера“ да влезат во битката за промена на сегашниот модел по кој се игра ЕП. 

Има два потпретседатели на ЕХФ што доаѓаат од Србија и Црна Гора (Предраг Бошковиќ и Божидар Ѓурковиќ) и лесно може идејата за промена на моделот по кој се игра ЕП да се најде на маса во Виена. И тие (Србија и Црна Гора) како и Македонија и БиХ се во ист кош, а наскоро би можела овде да дојде и Словенија. Тука се и Русија, Белорусија, Чешка, Полска, односно сите од трет и четврт шешир плус некоја од вториот што се наоѓаат меѓу потенцијалните гости со краток јануарски аранжман во Словачка и Унгарија. 

Сојузниците за ваквата битка брзо би се пронашле по 6 мај. ЕП 2022 ќе биде уште едно промашено првенство за пола од учесниците, но Германија 2024, единствен домаќин би можела лесно и без драми да биде поинакво искуство. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk