Криза од Вардар до Триглав (4) - Македонија

Што се случува со балканскиот ракомет? Моменталните позиции на клубовите и репрезентациите од државите од регионот никогаш не биле полоши.  Дали е причината слаба сезона или нешто друго, подлабоко и поопасно? Фактичката ситуација е следна, на мундијалот во Египет прв пат по 1997 година немаше балкански тим во Топ 8, на Олимписките игри во Токио прв пат по 1992 година нема да има машка репрезентација од овие простори. 

Во Лигата на шампионите ниту еден клуб нема да мине во 1/4 финалето со катастрофален скор на терен без меѓусебните дуели од три победи две нерешени средби и дури 31 пораз само во групната фаза на трите перјаници на Балканскиот ракомет, Вардар, ППД Загреб и Целје. Во Европската лига, ниту еден клуб не го мина 1/8 финалето.
Резултатите од 1/8 финалето, пак, во ЛШ, го зцрвенеа и небото над некогашната Југославија. Минус 14 на Вардар, минус 13 на Целје, а ППД Загреб подобро и што не играше со Флензбург... 
Со ваков ритам, за две сезони нема да има директно место во ЛШ за клубовите од Балканот...
Во наредните денови, пет еминентни новинари од Словенија до Македонија ќе ви ги пренесат своите погледи на кризата на ракометот во своите земји.



МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТНИ ФЕНОМЕНИ
Пишува: Билјана Благоеска, колумнист во ракометниот портал www.24rakomet.mk

Катастрофалните порази на Вардар и на Еурофарм Пелистер во првите осминафинални натпревари во Лигата на шампионите, односно во Лигата на Европа, за жал ја покажуваат новата реалност и реалните дострели на двата водечки македонски клуба на европска сцена. Овој Вардар сега и по квалитет и по буџет е далеку од шампионскиот Вардар што два пати триумфираше во ЛШ. Еурофарм Пелистер пак се уште е проект во зачеток, со големи амбиции во најава, но реално се уште далеку од рангот на најдобрите екипи во Европа. И се уште недоволно моќен за да го симне Вардар од тронот, како што се покажа во нивната прва меѓусебна пресметка во годинашниот плеј-оф.
Металург летово стартуваше амбициозно, но на крај максимум беше групната фаза во Европската лига, со серија високи порази во завршните три натпревари. Турбулентната сеозна и трите тренерски смени се одразија и на резултатите на Металург на домашна сцена. Ако пред почеток на сезоната најавите и амбициите беа враќање на Металург на старите патеки и атак на водечки позиции, по неочекувано лошиот старт во плеј-офот, целите се спуштија на борба за влез во првата четворка и излез во Европа.


Сезона во која Ковид диктираше колку ќе се игра

На што се должи оваа резултатски надолна линија на најдобрите македонски клубови во европските купови?
Вонредните услови и проблемите со корона-вирусот се погубни за целиот спорт.  Недостасува публика, а се намалуваат и финансиите што влегуваат во спортот. Вардар во светската криза успеа да ја преживее и сопствената финансиска криза, трансформација и промена на сопственикот. Катастрофалните порази од Веспрем и елиминацијата во осминафиналето на ЛШ, можеби не се по волја на навивачите кои помалку нереално очекуваа или се надеваа дека Вардар пак може да направи некое чудо. Но, ако се земе предвид во каква ситуација беше Вардар лани во оваа време, кога беше неизвесно и дали клубот воопшто ќе опстои заглавен во проблеми и долгови, и осминафиналето во ЛШ е премија.

Втор фактор што исто така имаше извесно влијание сезонава, беше нарушениот систем на натпреварување, долгите паузи и потоа згуснати распореди со по 4-5 натпревари за десетина дена. Тоа најмногу го почувствуваа Вардар и посебно Еурофарм Пелистер кои поради настапот во регионалната лига, не играат во домашната Супер лига до плеј-офот. Поради одложениот старт во СЕХА Лигата, тие со месеци беа без натпревари, а потоа во февруари влегоа во пеколен ритам.
Овој систем на натпреварување во кој сехалигашите во домашната Супер лига играат само во плеј-офот е лошо решение и за првенството, а и за клубовите што посебно се покажа во текот на оваа сезона. Враќање на шампионот и на вицешампионот комплетно во домашното првенство и Супер лига со 10 екипи како што беше (е) предвидено за следната сезона со одлуката на Собранието на РФМ, треба да донесе повеќе неизвесност во суперлигашкото првенстви и поголем квалитет во македонскиот ракомет. Така ќе имаме посилна лига и рамноправна борба за титулата и за водечките позиции во текот на целата сезона. Тоа пак, само по себе ќе донесе и поголема стабилност и во клубовите и ќе се избегне оној „пазар“ за плеј-офот и за ваучер позиции. 

Што се однесува до финансиската страна од приказната, Македонија е еден посебен ракометен феномен. Имаме финансиски стабилна Федерација, која изминативе години спроведе серија мерки за намалување на трошоците посебно за клубовите што се натпреваруваат во младинските категории и во женската Супер лига. Ракометот се уште е спорт број еден во Македонија, па дури и во време на криза овде се уште има колку-толку стабилни инвестиции во овој спорт.
Најверојатно поради сето тоа и во време на светска криза, Македонија и понатаму остана посакувана ракометна дестинација, посебно за играчите и за тренерите од балканските простори. Дојде Хорват во Металург, потоа Бабиќ, Мандалиниќ и цела хрватска колонија во Еурофарм Пелистер. Во Вардар заминува Чупиќ, доаѓа Гурбиндо...


Металург со години градеше сопствен концепт

Во македонскиот ракомет, во изминативе дев децении се дефинираа два системи. Првиот е екстра буџет и тим за инстант успех. Како што направи Вардар во тие 3-4 добри години.  Вториот модел е оној што го градеше Металург пред десетина години  – клуб репрезентација со скап тренер, неколку странски засилувања и паралелно со тоа создавање на сопствена база. Тое е еден помакотрпен и подолгорочен процес кој не носи инстант успех, но затоа пак носи долгорочна стабилност и континуитет. За Македонија како ракометна земја, овој модел се покажа како многу поприкладен и за стабилни клубови, но и за стабилна репрезентација.
На репрезентативен план во Македонија, од 2009 година наваму, машката репрезентација го презеде приматот, а женската која беше „главна“ во 90-те години, тргна во надолна линија и цела деценија е без настап на големите натпреварувања.

Македонската машка ракометна репрезентација иако веќе неколку години е во некоја транзиција со смена на генерации, а со тоа и резултатски осцилации и четири селекторски смени во последните пет години, сепак успева да го задржи континуитетот во настапите на европските и на светските првенства. Во последниве неколку години тоа некако стана примарна цел со она што виси како закана – ако сега не се пласираме, тешко ќе се вратиме.
Можеби и токму затоа кога ќе се поминат квалификациите или баражите, за нас е завршена главната работа. Додека пак настапите на ЕП или на СП се сметаа(т) за успешни ако се помине првата фаза. Првиот кикс во тој поглед дојде на СП 2019 во Германија, а потоа се повтори и на ЕП 2019 во Австрија. Последниот настап на СП во Египет во јануари на кое Македонија влезе како прва резерва, на крај испадна вистински дебакл со четири катастрофални порази и само една победа со Чиле. Многумина тука го видоа крајот за македонската репрезентација без некоја иднина во новата генерација. Тоа беше неславен крај и за Данило Брестовац на селекторската функција.


Тројна улога на македонската ракометна легенда  - Кирил Лазаров

Но, набрзо потоа, почнува новата ера за машката ракометна репрезентација со Кире Лазаров на тројна функција како играч, капитен и селектор. Со враќање на Филип Миркуловски во двојна улога како играч и помошник тренер и со враќање на уште еден дел од старата генерација со Ацо Јоноски и Бранислав Ангеловски како дел од проширениот стручен штаб, дополнет и со Билјана Црвенковска.
И потоа се случува историската победа на Македонија против светскиот првак Данска во квалификациите за ЕП 2022. За неполни два месеци, македонската репрезентација која на СП во Египет заврши со  најслаб пласман на 23 место, со вкупно пет порази од кои четири двоцифрени, успеа да ја надигра и да ја победи Данска! Не дека со оваа победа Македонија одеднаш стана посилна од Данска, но оваа победа беше важна за пласманот на Македонија на ЕП 2022 и уште поважна за враќање на вербата во тимот.

Многумина се прашуваат што ќе биде со македонската репрезентација после Кире Лазаров? Па, пак ќе биде Кире Лазаров!



Билјана Благоеска е докажан, долгогодишен спортски новинар со големо искуство од работење во повеќе еминентни македонски печатени и електронски медиуми. Во моментов е колумнист во ракометниот портал 24rakomet.mk

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk