ППД Загреб побара прекин на првенството!

Дали е на повидок нова драма во ракометната Хрватска? Единствениот хрватски шампион откога постои државата, клубот што во моментов се вика ППД Загреб, побара прекин на првенството! 




Поради актуелната епидемиолошка состојба во Хрватска, ППД Загреб заеднсо со загрепскиот ракометен сојуз побара од ХРС прекин на првенството. 
Чудна и невообичаена работа, ППД Загреб  стана првиот што вака декларативно побарал да се прекине првенство и тоа во сезоната кога, првенствата а и европските купови, како-така се движат кон крајот. 
ППД Загреб за волја на вистината е во карантин и има позитивни играчи и тоа го чинеше службена елиминација од ЛШ, но кој клуб па досега и не бил во карантин?

За ова сценарио слушаме веќе извесен период и реално, крева сомнеж дека вистинскиот страв на ППД Загреб не е од Ковид 19 или загриженоста не е за епидемиолошката состојба. Вистинскиот страв можеби има друго име. Еве, тој страв можеби се вика, на пример, Нексе.

Еднаш во 20 години во Хрватска се појавува клуб што има реална шанса да го симне ППД Загреб од тронот. Пред дваесетина години тоа беше Метковиќ Јамбо. На терен подобар, заслужи, освои титула. Вон терен, Загреб во една од најголемите пародии, најде начин како да го детронизира и да продолжи да си владее. 

Сега одново на сцената има тим што можеби може да го симне Загреб од тронот. Нексе за разлика од ППД Загреб кој има 14 од 14 порази во ЛШ, одигра сосема солидна сезона во која беше елиминиран од Рајн Некар со пораз дома од два гола разлика и нерешено во Манхајм. 

Можеби Нексе може да го симне овој ППД Загреб од тронот. Следната сезона во Загреб доаѓаат Иван Чупиќ, Жељко Муса, Филип Ивиќ, можеби Јаков Гојун и којзнае уште кој и Нексе веќе нема да има шанса. 
Но, сезонава има.
Можеби може, можеби не. И во Македонија мислевме дека ќе има опасна битка за титула, па ете излезе друго.

Ќе излезе ли ППД Загреб на мегдан со Нексе или спас ќе бара во прекин на првенството? Колкава драма ќе има наскоро во Хрватска? 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk