„Неуништливиот“ кажа - Крај

Неуништливиот Бјарте Мирхол (38) објави дека ја игра последната сезона во кариерата. 



Борец каков што немало на и вон ракометниот терен можеби најдобро ќе го опише 38 годишниот норвешки пикер Бјарте Мирхол. Има кариера која трае 20 години и почна од Вестил, па преку Сандефјорд, Веспрем, Нордхорн, Рајн Некар го доведе со Скјерн. Во резимето се запишани и над 250 настапи за репрезентацијата на Норвешка со која освои сребро на мундијалите во 2017 и 2019 година. 
Паралелно со кариерата на терен се избори и со канцер (2011), со потенцијално животно опасна болест на дигестивниот систем (2020), во меѓувреме имаше повреди на коленото, рамото, меѓу првите прележа и Ковид 19...Што и да му се случеше, се враќаше назад на терен и за него не е флоскула туку факт дека се враќаше и посилен и подобар од порано и дека беше пример (рол модел) не само да помладите, туку и за соиграчите со кои ја делеше соблекувалната.  

Бјарте Мирхол денеска објави дека на една година пред истекот на договорот што го има со Скјерн, ќе ја заврши кариерата. Во моментов ја игра својата последна сезона. 

„Ова беше тешка одлука за која долго размислував. Но, едноставно кажано, имам рамо и тело што веќе не сакаат да играат“, изјави Мирхол за ТВ2 Спорт. 

Како новинар на g-sport.mk во последните три и пол години и претходно цели 18 -тина во „Македонски Спорт“, со Бјарте Мирхол се имаме сретнато во многу прилики. Како одјава за неговата кариера, едноставно мора да го одвојам моментот од 2016 година по натпреварот Норвешка - Полска на ЕП Полска. Норвешка по тешка битка и преполни трибини ја совлада фаворизираната домашна селекција, а следниот меч требаше да го игра со Македонија. Од искуство со македонски и не само македонски екипи и репрезентации, што постојано се жалат за густ распоред, прашањето до Мирхол во микс зоната по натпреварот гласеше:
- Дали Норвешка премногу се истроши вечерва со Полска? Колку сила остана за следната средба, со Македонија и дали тоа може да игра улога на тој мечот? 

Откако се изначуди на прашањето и праша дали добро разбрал, одговорот беше следниот: 
„Умор?! Целиот живот сум посветен, тренирам и се спремам за ова. Ако немаме сила да одиграме три натпревари за пет дена на ЕП, тогаш нешто сериозно не работиме како што треба“. 

Норвешка потоа играше нерешено со Македонија, а два дена подоцна со пет гола разлика ја совлада Франција и стигна и до полуфиналето на ЕП каде по две продолженија минимално беше поразена од идниот првак, Германија. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk