Митревски: Репрезентацијата е љубов, посебно чувсто е секое доаѓање

Македонската репрезентација наскоро ќе биде комплетна, а Кирил Лазаров нема да има многу време да испробува нови работи пред дуелот со најмоќната светска репрезентација, Данска, која во Скопје доаѓа со состав што е и посилен од тој што го освои мундијалот. 



Македонија ја почнува новата репрезентативна ера среде квалификации за ЕП 2022. Има добра позиција во моментов, две победи ја делат од пласман на шампионатот, но пред да дојдат двата решавачки натпревари треба да се одиграат уште два - со Данска. 
Не е убав моментот да се излезе на терен против светскиот првак на неговиот прв меч по освојување на шампионската титула, но добрата страна е што резултатски овој натпревар нема да игра улога во конечниот пласман, освен ако не ги победиме или освоиме бод. 
Но, оружјата на македонската ракометна војска се чистат и штелуваат за фронтовите со Финска и Швајцарија, а светскиот првак ќе ни биде добар за „загревање“. 

Тимот се комплетира, недостасува Жарко Пешевски кој утре ќе биде во Скопје, а од вчера со екипата е Никола Митревски, голманот на Порто. Низ емотивен период мина македонскиот голман во Португалија, заедно со сите свои соиграчи, но сега е пред нов предизвик, а секое доаѓање во Скопје за настап за Македонија е посебно и приказна за себе.

„Помина месец и пол од последниот настап и повторно сме со репрезентацијата. Сите доаѓаме од љубов кон Македонија и мислам дека на сите ни е чест и оривилегија да ги браниме боите на Македонија, без разлика дали сме на домашен терен или некаде на некое гостување или првенство“, вели Митревски. 

Данска е светски првак, а Македонија само што заврте нова страница на која се уште нема ништо испишано. 

„Знаеме против кого играме, имаме уште два-три дена до натпреварот. Има простор за некои нови работи да се вметнат, секако дека неколку заеднички тренинзи нема да се доволни за да ја постигнеме идеалната форма, но мислам дека имаме квалитет, самодоверба и атмосфера за да одиграме квалитетен двомеч со Данска“, вели чуварот на мрежата на македонскиот тим. 

Првата средба се игра на 11 март во Скопје, за жал без присуство на публика. Реваншот е три дена подоцна во Алборг. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk