Барса ќе има и женски ракометен тим?

Хуан Лапорта е нов претседател на ФЦ Барселона, како ќе функционира и изгледа ракометната секција е отворено прашање.

 

ФЦ Барселона има нов претседател. Хуан Лапорта по 11 години се враќа на кормилото на каталонскиот спортски и бизнис гигант, откако од 2003 до 2010 ја вршеше оваа функција. 

За Барселона е најважно како ќе функционира фудбалскиот клуб, а покрај него и бизнис индустријата која е голема машинерија тешко погодена од Ковид поради неможноста да се игра со публика и да работат фан-шоповите. Кога е фудбалскиот клуб, пак, во прашање, таму Лионел Меси е најважната алка и играчки и маркетиншки, а потоа се друго. 

Како ќе функционира ракометната секција која не се вика Барселона, туку Барса е отворено прашање. Таму „најважно“ е дали и кога ќе биде верификуван потписот на Арон Палмарсон на новиот договор, но старо-новиот претседател има изјавено дека Барса ќе има и женска ракометна екипа. Кога, каква, со какви амбиции не е познато, но доколку решат од фудбалскиот капитал на име женска екипа да издвојат за фудбалски термини смешна сума 2-3 милиони евра, би добиле тим за Фајнал фор.

Енрик Масип, еден од играчите чиј дрес ја краси „Блау грана“ по пензионирањето беше десна рака на Лапорта во лобирањето за претседателската функција сигурно ќе добие (важна) позиција во клубот, а и актуелниот тренер на клубот, Хавиер Пасвал беше назначен во 2009, во времето кога Лапорта ја водеше Барселона. 

Од друга страна, пак, во времето на Лапорта, Барса ја загуби ракометната доминација што ја имаше во последните десет години (1991-2003, осум титули во Шпанија) и само еднаш во седум години (2006) беше шампион на Шпанија, а еднаш беше и европски првак (2005), а по неговото заминување од 2011 почна нова доминација што трае досега (10 од 10 титули). 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk