Веспрем и Кил останаа опции за Вардар

Групната фаза од Европска лига заврши вчера, денеска и утре се играат последните натпревари од Лигата на шампионите. Македонските претставници имаа или подобро кажано немаат засега сезона од која можеме да очекуваме многу. 



Металург ја заврши сезоната, со драма и освоен бод во Скопје против Адемар, што пак му дава поголема тежина на поразот во Виена. Фајверс беше тимот против кого се очекуваа бодови и ако тоа го стореше во Виена, сега ќе беше 1/8 финалист. Но, како мина таму, не се осмелуваме ни да зборуваме за пропуштена шанса. Подвлечено, ако не беше тој меч донекаде и ќе можевме да зборуваме за добро завршена групна фаза. Вака за утеха, ќе кажеме дека бил подобар од Бешикташ и Татабања и дека бил поблиску до нивото на Татран, Алингсас и Тулуз отколку со споменатите две екипи што завршија без бодови.

Пелистер во рамките на групата во која беше можеше да биде и втор, заврши на четврто место. Побитна е групата со која вкрстува, а таму дали второ или четврто место не прави разлика. Единствениот што има привилегија да каже дека се изборил за полесен противник е РНЛ, а тие ќе играат со Нексе. 

Вардар годинава не успеа да се избори за полесен противник. Можеби ќе каже некој дека ЕХФ неправедно ги поделил бодовите од неодиграните натпревари и во голема мерка би се согласиле со такво мислење, но од друга страна, не можеме да го гледаме ниту Вардар како губитник во поголемата слика, затоа што освои три бода од три средби и тоа две со ПСЖ и една гостинска со Флензбург. Гледајќи како играше досега во ЛШ, заклучно со Елверум во Скопје, не би рекле дека на терен ќе ги освоеше овие три бода, па затоа и тука каде што е го гледаме реалниот пласман.
Нема можност да бира противник. 
Мешков Брест ги доби службените бодови со Порто, па стана недостижен и сега единствниот кого Вардар може да мине на табелата е Порто. За да го мина ќе треба утре да го совлада Мешков Брест, што е реално, затоа што позицијата на Белорусите на табелата е непроменлива победили или загубиле, но ќе треба и Елверум да го совлада Порто по втор пат и тоа по втор пат во Португалија. 
Тоа сценарио  за противник ќе му го донесе актуелниот европски првак Кил. 
Ако Порто победи со Елверум или ако Вардар не победи со Мешков, тогаш во елиминациите ќе гледаме дуел Вардар - Веспрем. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk