Металург е пред последниот натпревар во Европската лига. Утре во Скопје ќе гостува тимот на Адемар Леон, со што ќе биде спуштена завесата за екипата од „Авткоманда“.
Металург го немаше „луксузот“ со комплетен ростер да игра во Европска лига по рестартот на сезоната. Недостасуваа клучни играчи на важните натпревари, а резултатите беа далеку од посакуваните.
Нешто и добија со играњето во ЕЛ, многу играчи имаа шанса да го кренат на свој грб товарот на играње на професионално ниво и да почувствуваат како е меѓу конкуренцијата која ни бара ни дава милост.
Адемар во Скопје би требало да дојде без тројца играчи, тоа се Марчан, Гедбан и Лучин. Но, тие и без нив го совладаа Чеховски медведи во Москва, што кажува дека и без ова трио се големи фаворити против Металург.
Златко Хорват и Милан Лазаревски би требало да се назад во ростерот на Димитриоски, нема информации за евентуални нови отсуства, па можеме да заклучиме дека комплетен ќе биде тимот за мечот со Шпанците. Велко Маркоски кој е надвор од тимот поради повреда е единствениот прашалник.
Резултатски, средбата нема никакво значење и за двата тима. Металург со три бода е последен, без можност да стигне до елиминациите, додека Адемар Леон ќе заврши на второто место во групата, зад Висла Плоцк, а пред Чеховски медведи.
Тулуз и Фајверс играат меѓусебе за последното место што води во елиминациите и дуел со Фуксе Берлин.
Средбата ќе се игра во „Борис Трајковски“ со почеток од 18:45 часот.