Уште еден тежок евро-пораз на Металург

Од Виена за g-sport.mk - Ричи Ѓамовски

АОН ФАЈВЕРС - МЕТАЛУРГ 45-30 (22-13)



Металург на своето последно гостување во Европската лига претрпе пораз од австрискиот тим Фајверс. И не само тоа туку и не успеа да ја повтори нешто подобрата игра што ја покажа против Ч. Медведи, напротив. Со дури 45 примени гола се враќаат во Македонија. Ова е нивниот најтежок пораз со години, не само резултатски...
Патем пропаднаа и теоретските шанси за пласман во елиминациите, дури и со службени бодови од натпреварот соТулуз. Но, со оглед на тоа што го одигра сезонава, по пласман во елиминациите и дуел со Фуксе Берлин никој нема да жали.

Металург некако по обичај слабо ги почнува натпреварите. Дури четири обиди имаше само во првиот напад што не успеа да го реализира. И во сличен стил продолжи. Не минаа ни десет минути, а голманот Флицвајзер веќе беше играч на натпреварот.
На спротивната страна тоа оставаше простор Австријците да напаѓаат на непоставена одбрана и лесно постигнуваа голови, па така во десеттата минута беше 8-2, а Оливер Димитриоски мораше да бара тајм аут. 

Натпреварот имашем многу лош развој за Металург. Веќе по 15 минути се закануваше двоцифрена негатива, но Дупјачанец со неколку одбрани по ред, Шилегов и Поповиќ со неколку голови од 14-5, стана 14-8, па беше малку поподносливо во виенската „хорор-хале“. 
Кратко траеше помирниот период, тренерот на домашните побара тајм аут, а по тоа работите се вратија како на почетокот на натпреварот. Во 24 минута, Фајверс за прв пат водеа со 10 гола разлика (18-8). 

Металург во следните два напади ја симна под 10 разликага, имаше уште една можност да намали под осум гола, но како и многупати во првиот дел грешеше и на одмор се замина со резултат 22-13. 

Ништо поинакво не се случуваше ниту во вториот дел. Битката се водеше околу тоа дали ќе биде +10 или под 10 гола разликата на семафорот. 
По девет минути беше 26-18, потоа 28-20... 

Ротираше и австрискиот тим, но нив ротацијата им донесе брзина и видлива желба да играат, трчаа брз центар и при 13-14 гола разлика, беа дисциплинирани, за разлика од Металург, тим на кој што вечерва не му се играше ракомет. 

Тогаш и почна да се зголемува разликата, на 10 минути до крајот беше 36-23, а потоа продолжи потопот. Агонијата заврши со 45 гол и цели 15 гола разлика за Австријците. Милан Поповиќ и Даниел Дупјачанец би ги издвоиле како подобри поединци во Металург.

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk