Уште 15 дена останаа до крајот на преодниот рок во Европа, вклучително и во Македонија, а екипите допрва ќе треба да ги откријат адутите.
10. Македонскиот суперлигаш Радовиш по еднонеделна проба се одлучи да го задржи пикерот од Либан Али Кобеиси. Вечерва во Радовиш треба да пристигне и Србинот Милош Лојаничиќ, десен бек, а уште еден српски лев бек е на тестирање во Радовиш во пресрет на Плеј аут продолжението на првенството.
9. Аце Јоновски и Филип Лазаров ќе имаат шанса да го внесат Ратинген во 3. Лига преку баражи. Прекинати се пониските шампионати во Германија и нема да се доигруваат. Место тоа екипите што се заинтересирани за промоција во повисок ранг се пријавуваат за играње на бараж квалификации.
8. Шпанскиот тренер Антонио Карлос Ортега доби нов договор и останува тренер на Хановер најмалку до 2023 година. За оваа екипа од минатата година игра и македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.
7. Пиерот на Гепинген Крешимир Козина е замената за повредениот Марин Шипиќ во репрезентацијата на Хрватска во пресрет на Квалификациите за ОИ Токио. Турнирот се игра во Франција, а покрај домашните и Хрватска таму се уште и Тунис и Португалија во битка за две места.
6. По неуспешната авантура во Русија како тренер на клуб и селектор на женската репрезентацијата, шпанскиот тренер Мартин Амброс се враќа на кормилото на Ѓер со кого доминираше во Лигата на шампионите.
5. Едуарда Аморим Талеска, некогашната ракометарка на Кометал Ѓ. Петров, нема да ја заврши кариерата како што најавуваше туку по 12 години минати во Ѓер следната сезона ќе игра за екипата на Ростов Дон.
4. Најдоминантниот женски тим во историјата по Спартак и Хипо, унгарскиот Ѓер, доведе две екстра засилувања на позицијата пикер за следната сезона. Друштво на Норвежанката Карин Братсет на линијата ќе и прават Романката Крина Пинтеа и Швеѓанката Лин Блом.
3. Флензбург во обид да го замени повредениот десен бек Франц Цемпер го доведе и тоа од среде СП Исланѓанецот Александер Петерсон (40), инаку играч на РНЛ. Но, проклетството на Флензбург трае. Не мина ни еден месец и Петерсон се повреди. Страдаше тетива и подолго време нема да биде на располагање на тренерот Маик Макула.
2. Колку е доминантен Ѓер во Лигата на шампионите говори податокот дека последен пораз во ЛШ му е во 2018 година. Оттогаш има скор од 50 меча без пораз од кои 43 се победи и седум се нерешени средби.
1. Македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ќе му судат на (селекторот) Кирил Лазаров на неговото гостување кај Барса. Во следното коло од Лигата на шампионите Барса го пречекува Нант
.