Во март во Скопје ќе гостува светскиот првак. Данска вечерва ја одбрани титулата светски шампион, на уште една ракометна убавица одиграна во Каиро, против Шведска.
ДАНСКА - ШВЕДСКА 26-24 (13-13)
Хансен 7, Орис 5, Холм 4 - Ване 5, Лагергрин 4
Данска ја одбрани титулата светски првак и влезе во малото друштвенце на екипи на кои им успеало тоа. Вечерва пред себе, во финалето на СП ја имаа Шведска, изненадувањето на мундијалот.
Двата тима играат ист ракомет, Шведска дури и побрза, поагилна и поцврста, но Данска со поголемо искуство. На крајот пресуди - Никлас Ландин. Голманот на Кил го затвори голот во последните пет минути и со вкупно 15 одбрани беше клучниот фактор на мечот.
Шведска одигра одличен турнир, новите играчи желни за докажување и борба ги надминаа своите попознати колеги кои не сакаа да играат во Каиро. Стигнаа до финалето, беа сосема рамноправни до 45 минута, имаа и водство во текот на тие 45 минути, а потоа една одбрана на Ландин место на минус 1 ги однесе на минус три. И потоа се водеше жестока битка за комплетно враќање, имаше на две минути до крајот Шведска напад за минус еден, но Ландин го одбрани пеналот на Лукас Пелас. Тоа беше првиот промашен пенал на Пелас на овој мундијал.
За Данска, што да се каже? Јакобсен на ова СП ги доби како новитети Сагуструп, Гидсел, Холм и Орис, Овој квартет на нови ракометари меѓу кои Гидсел има само 21 година, во финалето беше голема поддршка за Микел Хансен. Особено Орис кој шутираше 5/5 од позиција десен бек.
Јакобсен несвојствено за себе, многу ротираше на оваа средба. Повредата на Ласе Свон го натера да го пресели Гидсел на десно крило, а тоа во игра го внесе Орис кој испали неколку проектили на кои би му позавидела и данската морнарица. Кога сите затаија, на сцена стапи Холм кој постигна три гола по ред и ја одржа Данска во предност. Ги видовме и Ласе Андерсон и Менса Ларсен во игра, дури и Симон Халд успеа во еден момент да изнуди две исклучувања и да ги остави Швеѓаните со четири играчи во поле.
Резултатски натпреварот го контролираше Данска која поведе со гол разлика, а Шведска постојано израмнуваше. Во вториот дел на првото полувреме Шведска напраив пресврт, имаше напад и за плус три, но не искористи и Данска се врати во игра, па на одмор беше 13-13.
Во вториот дел Данска водеше со гол-два разлика, Шведска израмнуваше или намалуваше се до 45 минута по која 5,5 минути не постигна гол. Тоа беше клучен период на мечот, а потоа обидот да фатат приклучок го запре Ландин.