КОМЕНТАР: Стигна сметката од Египет, ја плати Брестовац

Пишува: Ристо Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

Македонската репрезентација го одигра своето најлошо светско првенство досега. Толку лошо, што го засенија и пласманот во главна рунда и направија да не е битно на кое место го завршија.
Единственото полошо од играта беа коментарите за играта. Откако тие станаа бесплатни и достапни за секого, привилегијата што порано беше за дрштвото пред гранап или друштво за убивање на време, сега е јавна и достапна секому.
И тоа безмалку на ранг на медиум, земајќи предвид дека ние сме една од ретките држави што останаа практично без печатен медиум и критериумите што ги имаше со себе тоа новинарство. Следствено со тоа, дел од репрезентацијата станаа практично сите.
И од купот камења со кој се фрлаше кон стаклениот балон во Каиро, земаа сите и грешни и безгрешни. 



Нема да ја коментираме лошата игра, тоа го видовте сите и нема што повеќе да додадеме или одземеме. Нема  оправдување за неборбеност, малодушност итн. Нема да ги коментирам ниту коментарите, иако големиот бран коментари, како и секое цунами - со себе носеше се и сешто. Но, ќе имаме предвид што е кажано од оној потесен круг на луѓе што се директно инволвирани или пак биле дел од репрезентацијата на еден или друг начин.
Очекував да ни биде отпеан реквием од Белград, беше прашање на време, а и јасно е како изгледаше репрезентацијата надвор од границите, нема за што да се буниме.
Не знам ни во која категорија да ги сместиме тоа што репрезентацијата беше користена и за поткусурување, пресметување на еден или друг начин од овде, од дома. Никому не му е сеедно да го гледа националниот тим онаков каков беше, па сепак, доволно беше што репутацијата градена со години трпеше во Каиро. Можеше да биде малку заштитена во Скопје. 
Ќе се задржам на причините поради кои Македонија изгледаше така како што изгледаше. 



НЕСПРЕМНИ ЗА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Македонија беше тотално неподготвена за настап на Светско првенство и тоа е факт од каде што се почнува и завршува. Едно е да се подготвуваш за еден натпревар со кого било, друго е да отидеш на мегдан со врвни екипи на турнир од највисок ранг. И да знаеш дека нема да играш на СП на 24 часа до стартот. 
На ова логично споредба доаѓа со Швајцарија која исто така не знаеше дека ќе игра а изгледаше сосема поинаку, но во ред. Ќе се споредиме и со нив подоцна. 
Македонија отиде на СП со четири тренинга и два контролни меча. Од денешна перспектива е грешка што оригинално закажаните подготовки на 24 декември беа откажани откако Египет јави дека не доаѓа. Но и да е собереа 5 дена порано, можеби ќе бевме нијанса посветли во сивилото, нешто драстично немаше да се смени затоа што генезата на неподготвеноста е подлабока. 
Македонските репрезентативци немаат минутажа во клубовите или нема да погрешиме многу ако кажеме дека не играат во клубовите. Не само тоа туку и клубовите не играат. Барем тие што ги даваат грото на играчи. И капак на се - не ни тренираат. 
Па така, ако го прашате некого (на пример Алушовски) ќе ви каже дека (Вардар) немал комплетен тренинг од 23 ноември! Тука некаде е и Е. Пелистер, па и Металург... 
Ако сакате да се споредуваме во Швајцарија, почнете од овде. Видете во каков играчко-тренажен процес се Анди Шмит и колегите. 
Ова оди дотаму, што се коментира и како „па не требаше да одиме“.. Замислете само да откажевме, какво ќе беше тоа цунами и што се тогаш ќе се зборуваше и коментираше, меѓудругите и од тие што сега викаат дека не требало да одиме. 



ПОДМЛАДУВАЊЕ И СМЕНА НА ГЕНЕРАЦИИ
Ова се подвлекува како некаков колосален момент, непланирано, прерано или предоцна, што внесува забуни затоа што во суштина, на ова СП се сменети колку? Еден-два играча?
Да земеме предвид дека Манасков и Георгиевски сами откажаа затоа што месец-два немале тренинг. Второто лево крило, Бојан Маџовски го скрши прстот на контролите со Чиле, па така во Каиро заминаа крилата три и четири, односно Димитар Димитриоски и Цветан Кузманоски. 
На десно крило, едвај и да имавме промена затоа што Поповски одамна е репрезентативец, а и Костески не е сосема нов. Но, подвлечено, ниту Георгиевски ниту Манасков ги имаат завршено репрезентативните кариери.
На ова СП имавме нов прв голман што има 35 години следствено и втор голман што има 23 години. 
Бековската линија ни е истата од ЕП 2020. Мишевски доби поголема шанса на сметка на Велко Маркоски што не е повикан, Горан Крстевски и Мартин Серафимов добија некоја минута плус, Танкоски и Велковски се повредија и не доиграа и тоа е тоа. Сите други промени се на играчи што во составот се 14, 15, 16... Ако сметате дека голема промена во нашата игра би било ако на местото на Дарко Георгиевски би бил повикан друг играч што и исто така ќе биде прва или втора резерва, тогаш, во ред. 

Кај нас смената на генерации е практично завршена со тоа што на бековските позиции во тимот се вклучени играчите од генерацијата што беше шесто место на јуниорското СП.  Но, и тоа не беше направено сега. Сите други играчи, со исклучок на споменатиот Дарко Георгиевски биле дел од систем кадетска-јуниорска-сениорска репрезентација. А и не се нови, па така Филип Талески беше дел од репрезентација уште пред четири години на СП Франција 2017. Заедно со Филип Кузмановски, Мартин Велковски, беа дел од две или три Европски кадетско-јуниорски, едно Светско јуниорско и веќе бројат трето сениорско Светско првенство. Тоа е веќе завидно резиме. Зад нив, Танкоски, Серафимов и Младеновиќ исто така бројат настапи на кадетско-младински СП и ЕХФ Шампионати. 
Дали во Македонија отскокнал некој друг играч што бил или не бил дел од младите селекции или како интернационалец? Дури и да има таков, а тоа е прашање на личен став, одново би зборувале за 13-ти, 15-ти, 16-ти играч, а не некој што може да влезе во првата постава и да направи (голема) промена во играта.
Наскоро доаѓа следниот бран и смена, а таа според возраста ќе ги опфати и Митревски, Стоилов, Георгиевски и јасно Кирил Лазаров. Тогаш ќе ни почнат вистинските проблеми, а и знаете веќе како гласи Марфиевиот закон: Насмеј се, утре ќе биде полошо.
Во Каиро не беше проблем смената на генерации, туку како играа новите и не толку новите играчи. 

СЕЛЕКТОРОТ
Данило Брестовац ја плати сметката за настапот во Каиро со крај на селекторскиот договор, иако одработе 80% од работата за пласман на следното ЕП. Не сметаме дека проблемот е решен, затоа што не сметаме и дека проблемот беше во селекторот. Барем не комплетно, имаме замерки. 
Прво мораше безусловно да побара подготовките да почнат на 24 декември и да се работи на нив како навистина да одиме на СП.
Второ, откако дознавме дека ќе играме, очигледно е дека требаше многу појасно, погласно и подекларативно да се изјаснат и тој и РФМ дека во Египет ќе губиме. И тоа со големи разлики, но дека ова ќе биде жртва за на следното ЕП да бидеме подобри. Вака, се доби впечаток дека ќе ја победиме Шведска која е без девет играчи.  Искрено и ние пред првиот меч се понадевавме на нешто такво. Но, веднаш ни стана јасно и каде сме. Патем истата таа Шведска игра 1/4 финале и е фаворит за пласман во 1/2 финалето.
Трето, сликата од Каиро покажуваше немоќ не само на теренот, туку и на клупата. Дали ја имаше контролата или не, знаат само тие што беа таму, а единствената официјална вредност, резултатот, кажува повеќе отколку што треба. 
Можеби требаше да го држи Лазаров под полна гас и така да загубиме со помала разлика. Можеби да одигра и некоја од „форите“ што се многупати видени, а во Македонија редовно палат. А тоа е да повика тајм аут, да се намести убаво под микрофонот и да кажува звучни финти што во секундата ќе беа симнати и споделувани насекаде. Или во „изборнички“ стил да раскажува за семејни вредности или патриотски приказни од памтивек па наваму. 
Како и да било, Данило Брестовац не извади максимум од  тие што ги однесе во Египет, но веќе нема да биде дежурниот виновник, а таа е главната улога што ја има од јануари 2020.
Мундијалот е завршен, селекторот сменет, масата критичари покрај Талески ќе мора да бара нова жртва, проблемите ќе ги решава некој друг. Кој и како, ќе видиме. 
Останува сериозно да се екипираме и спремиме пред дуелите со Финска и Швајцарија. Оваа истава репрезентација на чело со екс-селекторот Брестовац го донесе ЕП на тацна во Скопје. Шанса што не смее да се пропупушти. 

Толку од нас што се однесува до СП Египет Има простор за многу подлабоки анализи, но тие треба да ги направар други структури...  За да не биде се во црнило, можеме слободно да го заокружиме со изјавата на Лино Червар по потопот на Хрватска.  

- Не е ова неуспех. И така за ова Светско првенство, никому не му беше гајле!


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk