Металург ослободи уште еден странец

Ден по официјализирање на прекинот на соработката со Бранко Канкараш, Металург официјализираше заминување од „Автокоманда“ на уште еден странски играч што есеноска дојде во клубот. 



Никола Потиќ во продолжение на сезоната нема да биде дел од екипата на Металург. Српскиот бек, слично како и црногорскиот пивот е во рангот на ракометари што се надвор од квотата. Металург патем, гледајќи ги сцените од Каиро и слушајќи го апелот на селекторот, реши Мартин Серафимов да добие шанса да биде главниот десен бек во екипата, иако има само 20 години. 



„Металург и Никола Потиќ, спогодбено го раскинаа договорот, поради неможноста тој да се вклопи во концептот за странски играчи. Му се заблагодарувам на досегашната соработка, тој е квалитетен играч кој заслужува да има многу поголема улога тимот од она што ние можевме да му го пружиме во моментов.
Јас и стручниот штаб сме согласни дека е време Мартин Серафимов да го понесе товарот на прв десен бек. Спремен е и физички и психички за тоа, созреан доволно за да може да одговори на тој предизвик, во Клубот и репрезентацијата.
Мое мислење како претседател на македонски Клуб и член на УО на РФМ е дека во овој период сите клубови, заеднички треба да помогнеме и да ги подигнеме македонските играчи на ниво на кое ќе можат да и помогнат на репрезентацијата.
Странските искусни играчи ќе бидат секогаш добредојдени, покрај нив младите ќе можат да учат и напредуваат. Ситуацијата е загрижувачка, затоа мора да се направи чекор повеќе за развивање на играчите во сите клубови', вели претседателот на Металург, Зорица Блажевска. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk