Брестовац: Се формира тимот што ќе игра на ЕП 2022

Македонија ги комплетираше двата натпревари со Чиле, запиша две победи и сега останува да чека вести од Каиро. Критичното одбројување почнува од утре, кога ќе почнат да пристигнуваат екипите и да се тестираат за влез во балонот наречен СП 2021.



Селекторот Данило Брестовац имаше тројна задача за оваа фаза на подготовките. Да спреми тим за евентуално играње на СП, да подготви основа за дуелите со Данска во март и да формира костур на репрезентацијата за ЕП 2022. 

Ако добиеме покана за настап на СП, Македонија ќе биде спремна за пет минунти. 

„Нема да имам дилеми околу состав за евентуално играње на СП. Главните носители на играта, некои 10-12 играчи веќе ги имам“, вели селекторот.

Овој состав во моментов со неколку можни измени е и сегашноста и иднината на сениорската репрезентација

„Мислам дека и вие што бевте присутни на натпреварите гледавте дека ова е горе-долу таа репрезентација што ќе настапи и на ЕП во Словачка и во Унгарија, ако се пласираме. Таа селекција ќе биде речиси 99 отсто подмладена. Мислам дека и момците сè коректно си сфатија работата, работат добро, а во овој момент како најголем недостаток ќе ја издвојам воиграноста.
Сега на овој собир ставивме повеќе акцент на одбраната, малку ја коригиравме, момците уште се млади, ќе ни треба време за да дојдеме до едно врвно ниво, една квалитетна одбрана и квалитетен напад“, изјави Брестовац..

Ова е само почеток на еден проект што треба да трае со години и што ќе се кали низ многу натпревари.

„За таа цел треба да играме и со квалитетни репрезентации. Искрено, овие натпревари со Чиле мене не ми се ни некое мерило, но она што ме радува е односот на играчите кон натпреварот.
Малку е тешко да влезеш во натпревар, па за кратко повторно да излезеш, да ја направиш таа ротација. Тие се млади играчи, сакаат минутажа, кога се заиграни сакаат да ги оставиш, но ќе мора да се навикнат на тој начин, барем во репрезентацијата, вели селекторот.

Минутажата останува слабата точка на играчите. 

„Има ситуации во таа игра еден на еден, два на два, кога треба да донесат одлука во дадена секунда, тука се забележува недостатокот што не играат многу во клубовите. Тоа малку се забележува, разговараме со играчите, мислам дека и во клубовите на тренинзи треба повеќе да се борат за поголема минутажа.
Горе-долу сум задоволен, мислам дека сме на добар пат, мислам дека контурите, физиономијата ја имаме веќе на оваа репрезентација, која треба да биде стожер на овој проект, кој го работиме веќе две-три години“, изјави селекторот Данило Брестовац.


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk