Ја испраќаме 2020, годината што го запре спортот

Толку е од календарската 2020. Годинава за заборав во која парадоксално, ништо не смееме да заборавиме.
На 2020 можеме да и се „заблагодариме“ и мафнеме на заминување, не беше ова добра година, но како што стои вo делото на американскиот писател и филозоф, „Кога животот ти дава лимони, направи лимонада“. 


Ристо Ѓамовски
Главен уредник на g-sport.mk


Почнуваме да одбројуваме, како што кажа Драган Ѓукиќ во својата последна колумна за g-sport.mk, од назад, со пет настани што влијаеа врз македонскиот и европскиот/светскиот ракомет годинава. 

КИЛ 
Ракометот што се играше на првиот и се надеваме последен божиќен Фајнал фор не врати назад во убавите ракометни времиња. ПСЖ, Барса, Веспрем и Кил направија да не приметиме дека „Ланксес Арена“ е празна и дека се игра во „балон“. 
А таму, Кил, екипата која беше аутсјдер не потсети на двете години кога Вардар ја освојуваше ЛШ. Не слушнавме оправдувања од Филип Јиха дека му недостасуваат тројца битни ракометари, дека еден од најглавните играчи од постела отиде на терен... Излегоа, со тие сили што ги имаа. Камерите често пати на клупата во кадар фаќаа дел од подмладокот за кои сигурни сме коментаторите вртеа по нотесите и сајтовите за да ги идентификуваат. 
Кил излезе против ракометниот Голијат од каталонија, покажа волја, дисциплина, мотив, знаење, борбеност, тактика, направи се што можеше, го извади најдоброто од секој и на крајот стигна наградата. Подобар наследник на Вардар - не можеше да се најде. 



ЕП 2020 ЖЕНИ:
Европската ракометна федерација покажа дека ако секој детал се испланира и ако сите учесници се дисциплинирани, професионални и ги следат упатставата, дека и во Ковид сезона може да се организира голем настан. Факт, не сакаме да гледаме уште една вакво првенство, факт здравјето на учесниците беше доведено во ризик и покрај сите мерки, но факт првенството беше успешно организирано. Под успешно, првенствено сметаме дека сите останаа здрави, се одиграа сите натпревари, а посебно го издвојуваме моментот и феноменот Хрватска, репрезентација која имаше најмали шанси за една единствена победа, но тим што дишеше како еден, повторувајќи ни уште еднаш дека хемијата во екипата, борбеноста, најдоброто од сите извадено на терен добива награда. За нив, наградата е бронзениот медал. Нема да заборавиме дека имаше низа компромиси, пред се откажувањето на домаќинството на Норвешка. Место заслужена суспензија тие стигнаа до исто така заслужен златен медал.

РФМ и СЕХА: 
Да се одбере стратегија во април во Ковид сезона и таа да се покаже како успешна во октомври-ноември е се, само не мала работа. Низа храбри одлуки донесе РФМ, вообичаено за наш простор критикувани од маса луѓе,. Но денеска, поделбата на првенството на групи, давање шанса во Ковид сезона на шест прволигаши да влезат и да се борат за опстанок во најсилното натпреварување, понатаму комплетната организација почнувајќи од обезбедените тестови, временски рамки за одигрување во случај на карантини какви што имаше, покажува колку исправна беше оваа стратегија. Особено, ако се споредиме со други многу поорганизирани, побогати и помоќни федерации. 
СЕХА Гаспром од друга страна, бараше можност, чекаше и на крајот реши да не го почне првенството. Односно, да го почне повеќе симболички со два натпревара во декември. И СЕХА не е за критики. Напротив. Потребна е храброст и да се донесе одлука да не се игра. Веруваме можеа да направат низа притисоци и да најдат термини за да се одиграат дел од натпреварите. И на тој начин да играат улога во евентуално ширење на ковид и да внесат хаос плус во хаотичната сезона. Жртвуваа и тоа не треба да биде заобиколено.
Вардар и Е. Пелистер, пак, иако имаа шанса, одбија да играат во домашното првенство. Ние сигурно нема да им го броиме како грешка, кога ќе анализираат самите, ќе дојдат до заклучок дали бил исправен потегот или не. Во Ковид сезона многу работи изгледаат поинаку во зависност од аголот од кој се гледаат. 
Следната сезона, како и да е, нема да имаат ваков избор и заштитата на домашниот продукт, а тоа е Супер лига, ќе биде во преден план. Како што тоа го прават и Веспрем, Мешков. Татран итн. 




МАШКА СЕНИОРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА: 
Почнаа со разочарување, иако сигналите што доаѓаа постојано, велеа дека нема „вечно“ да можеме одиме по жица без да отидеме и на „таа страна“. 
Кобен беше еден натпревар, исто како што во минатото среќен бил тој еден натпревар. Калкулациите со начинот на кој ќе бидат квалификациите за СП, на крајот не испратија на дуел со Франција, дуел што не се одигра, а Македонија остана првата репрезентација пред која се затвори портата на СП Египет. 
Репрезентацијата е во транзициски период што не можеше да се види затоа што немавме натпревари. Но, на добар пат сме, Египет да биде прв и последен во последната деценија на кој нема да учествуваме. Иако, се уште сме оптимисти дека нема сите 32 екипи да се појават во Каиро. 
Македонија ги совлада Финска и Швајцарија како гостин и сега е многу блиску до пласман на ЕП 2022. ЕП на кое ќе бидеме со поинаков изглед. 

ЕХФ и ИХФ
Службено го елиминираа Вардар, машката репрезентација и женската репрезентација. Дополнително, не им дадоа шанса ниту на јуниорите и го искористија, да не кажеме по втор пат ги злоупотребија прекланските ЕХФ Шампионати за да одредат патници во квалификациите за следниот јуниорски мундијал. 
ЕХФ беше доведен во ситуација носи низа тешки и важни одлуки во од, сепак, не е лесно да се менаџираат сите и иако сме незадоволни, сепак, мораме да се помириме со нив. 
Разочарување број 1 во 2020 е ИХФ, особено од позиција на прва резерва кога детално ги следите сите одиграни потези. Почна со квалификациите за СП во Јужно американскиот регион. Не организираа квалификации со доволен број на екипи за да имаат четири места за СП. И добија нов турнир - Последна надеж. Ниту тој не се одигра, па, под закрила на Ковид го доделија местото на Чиле. 
САД на сличен начин доби вајлд карта за настап на мундијалот. 
Но, најмногу пецкаат вајлд картите за Полска и Русија. 
Кога последен пат ИХФ делеше вајлд карти, тоа беше во Катар и беа поделени според пласманот на последното ЕП (Германија и Исланд). Сега, нов критериум. Критериум кој подразбира особена важност за развој на ракометот и валјд карта доби суспендираната од ВАДА Русија. Репрезентација што на СП нема да смее да користи ни знаме, ни име ни грб ни химна. Веројатно ќе препознаете судир на критериумите на ИХФ со тоа што цел спортски свет го има како конфликт со рускиот спорт. 

Ова се според нас пет точки што влијаеа на европскиот ракомет гледно низ призма на македонскиот.  2020 заминува со многу исполнети и неисполнети планови. 
Од агол на  g-sport.mk задоволни сме што успеавме да ви го задржиме вниманието кон овој убав спорт и во период кога со месеци немаше натпревари. Имавме можност да прочепкаме и во архивите да се потсетиме на многу убави моменти од минатото. 

Без разлика каква ќе биде 2021,  новогодишно ветување на редакцијата е дека и следната година g-sport.mk ќе остане извор на проверени информации. Без сензационалистички пристап, без копи-пејст текстови, без ситни трикови за повеќе кликови.
Со повеќе содржински издржани текстови, повеќе авторски текстови и колумни. Ќе продолжиме да се бориме со тоа што го имаме и знаеме против  хиперпродукцијата на информации и морето на вести од сите сфери што не се соодветно ниту проверени, ниту потврдени, ниту авторски. 

Вам драги читатели, Ви посакувам добро здравје пред се. Следете ги сите препораки, тие се за заштита на вашето здравје и на здравјето на вашите блиски. Чумата веруваме дека е на излезна врата, да издржиме уште малку, за да можеме мирно да се вратиме во нормалниот живот.
За се што ве интересира, пак, од светот на ракометот, ќе бидеме тука за вас и во 2021 година. 

Среќна Нова 2021 година!

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk