ДРАГАН ЃУКИЌ АНАЛИЗА: Le Roi Est Mort, Vive Le Roi!

Авторот на анализата е master coach на ЕХФ, поранешен селетор на Ц. Гора, Македонија, Израел, Швајцарија, Јордан и селектор кој ја водеше В. Британија на ОИ Лондон. На клупски план бил тренер на Макаби, Мадеира, Вардар, Пик Сегед, Ц. Звезда, Металопластика итн. Последен ангажман му беше тренер на женскиот мега проект ЧСМ Букурешт од Романија



Со финалниот натпревар беше спуштена завесата на едно од најчудните првенства од кога во најразлични облици постои оваа прекрасна игра наречена ракомет, хазена, торбол, хендбол...
Франција и ја предаде круната на Норвешка, а Хрватска напиша една од најубавите Божиќни приказни во современиот спорт и ја расплака Данска на која и остануваат некои други соништа да бидат сонувани.

Па да почнеме од обратен ред, затоа што сите новогодишни одбројувања, така и почнуваат.

4. ДАНСКА
Длабок наклон на оваа земја на ракометот (љубоморно ќе ви кажат дека тој баш таму и настанал кога професорот Холгер Нилсен поради големиот број на повреди им забранил на своите студенти да играат фудбал, но им дозволил да играат со рака и патем им напишал нови правила). Да бидеме чесни, да не беше упорноста и истрајноста на данската федерација ова првенство немаше ни да се игра! 
Овој шампионат ќе остане запаметен во светот на спортот како прво големо натпреварување (би се осмелил да посакам да биде и последното такво) во условите на „новата реалност“ - без публика и во карантински услови за тимовите и службените лица.
Ако би требало со еден збор да опишам главна карактеристика за секоја од репрезентациите во завршната фаза, тогаш Данска најдобро би ја опишал со зборот - Амбиција!
Историски гледано на тоа имаа и имаа право. Тие се единствената селекција на која три пати и пошло од рака да биде олимписки победник (1996, 2000 и 2004), прва во женскиот ракомет што ги обедини трите титули (ОИ, ЕП и СП), но и земја која новиот медал од ЕП го чека уште од 2004, додека на мундијалите има само една бронза од 2013. 
И се беше спремно за тоа, освен тие самите! Самоуверени над границата, во зоната на препотентност, дозволија да си помислат дека се е готово и со непримерни (по мене и неспортски) изјави ги мотивираа противничките да дадат повеќе отколку што објективно и можат. 
Оваа лекција долго ќе ги боли и Јенсен и неговиот тим, особено што следното лето нема да ги гледаме во Токио. Ако од сето ова научат нешто, ќе имаат шанси следниот декември во Шпанија, на првиот мундијал со 32 тима во женска конкуренција, да отидат баш далеку. 



3. ХРВАТСКА
Не можам да зборувам за нив, а да не бидам пристрасен. Ненад Шоштариќ ми е еден од посено милите колеги, искрен пријател, човек зад кого се километри и децении исполнети со патувања и патишта, по кои секогаш одел на потешкиот начин, со чесност, знаење, давање и скромност.
Ако некој заслужил празници со подароци, тогаш тоа е сигурно тој. Како во најубавата приказна, подароците дојдоа веројатно кога и самиот веќе не им се надеваше. Прежалени од сите со пола од и така скромниот состав, отидоа дрско да го покажат само тоа што го знаат и борејќи се за својот образ да ја престават својата земја и својот народ на начин на кој никој не може да им замери.
И додека целиот свет сега им се восхитува и планетата ги знае нивните имиња, сите од ново ја учиме лекцијата дека во спортот ништо не е готово додека се не заврши. Или што Ќамила еднаш во типично нејзин стил „пола на шала пола не“ го изјави: 
„Се можете, ама не можете да не победите пред да играте со нас“. 
Но, во коментар на некој што доаѓа од струката, дека овој „мастерпис“ на Ненад е всушност ода на еден пристап кон ракометната игра во која одбраната е повеќе од игра и во кој тимот што ќе прими помалку голови освојува медали.
Хрватска на ова натпреварување знаеше да игра така што противничките не постигнуваа голови по 13, 15, 17 минути и тоа не „некои си таму', туку екипи како Данска, Германија, Србија...
Успешно преминуваа од длабоки 3-2-1 во плитка 6-0, ги миксаа играчите за да зачуваат свежина, а сето тоа чувајќи ја топката во напад како да е последна. 
Екипата го следеше секој поглед на тренерот, а тој беше таму за нив, трпелив и силен кога на девојките  им требаше поддршка. За разлика од многу тимови од нашето поднебје, нив не ги извадија од колосек ниту поразите од Норвешка и Франција. Знаеја добро што можат, знаеја кого „можат“ и одеа нереално, до крајот на својата реалност. 
И затоа, капа доле девојки, капа доле шјор Шоштариќ.



2. ФРАНЦИЈА
Марсељезата од 15.000 грла во „Берси“ ја замени сребро пред 15.000 празни столчиња во „Јуске Банк Боксен“. Тоа што остана и по двата меча, е насмевката на нивните лица. Самиот Оливие Крумхолц го најави финалето со зборовите: Можеби нема да ги добиеме утре, но ќе ги добиеме во Токио“.
За тие што досега не разбраа, францускиот ракомет е проект зад кој стои студиозна работа не само на ракометните структури. 
За тој што и понатаму мисли дека сепак, е случајност или главно благодарение на физичиот потенцијал, топло препорачувам, барем преку Гугл да ја посети страницата на нивната „куќа на ракометот“ (Mason du handball) и можеби некои работи ќе му бидат појасни.
Од селектор со визија (на таа позиција е од 1998 со краток прекин меѓу 2013 и 2016) со селекција што е извонреден микс на искуство и младост и која се чини е единствената во состојјба да парира на доминацијата на Норвежанките (посебно со својата фантастична 5-1 одбрана).
Франција дефинитивно израсна во светска сила и во женскиот ракомет и тоа не само по видливиот со голо око елемент - сила, туку и статистички показатели како екипа што е најдобра во скок, но и најмногу претрчала на првенството.
И да не заборавам нешто што ми се гледа многу важно затоа што останува за историја и спортски анали - избор на најдобрата седморка на шампионатот што со години се претвора во лакдрија од типот за секој по нешто.
Така се случи, годинава една извонредна ракометарка каква што е Есте Ензе Минко, се закити со перја што не и одговараат.
Таа беше прогласена (пред финалето) за МВП на шампионатот. Дека се поинакви во реалност работите, потврди и најважниот меч и директните дуели со вистинскиот МВП, што можеби беше и една од причините за нешто послаба партија. 

1. НОРВЕШКА
Име еден интересен детал од зад сцената што сакам да го поделам со вас. Концепт на норвешкиот национален тим упростено би изгледал вака:
План „А“ - Не импровизирај. Работи основно и труди се тоа да го работиш најдобро што можеш. Верувај во концептот. 
Кога планот „А“ не функционира, тогаш планот „Б“ е - уште подобро да работиме на План „А“
 
Би се рекло дека играта на норвешката репрезентација е одамна прочитана и дека и врапчињата знаат што и како играат. Но, никако да се најде решение како да им се спротивставите. И кога системот не функционираше, како против Франција во вториот дел кога со одлична одбрана ги неутрализираше Офтедал и нејзините идеи,  одговорот беше враќањето на својата одбрана и голманот (овој пат Солберг).
Едноставно? Па така е тоа секогаш, најсовршените работи изгледаат наједноставно.
Барем за момент ќе се обидам да ви доловам за што се работи и како тоа всушност игра Норвешка. 

- Тие се тим со најмалку пасови на натпреварите! За 8 натпревари направија вкупно пасови колку што Чешка или Словенија направија за три! Најмногу пасови, се разбира направи Хрватска, инаку како кутриот Шоштариќ би бил во можност да се бори со другите. 
- Тие се тим со најмногу асистенции (кој спомена его?), но и со најмалку технички грешки.
- Тие се тим со најмногу блокови и најмногу голмански одбрани. 

И да ја додадеме изјавата на Торир Хергеирсон, а за 20 години минати како селектор на тимот, веројатно најдобро знае за што зборува. 
Според него најзначајно за овој успех е ГЛАД на нивните играчи и нивната желба (внимателно прочитајте ја претходната колумна). 
И сега можеме да сумираме се тоа што видоме на шампионатот, дали и понатаму имаме некои добро оправдување зошто сето тоа не го правиме и самите во средините во работиме и дали конечно разбравме што е “тоа“ што го одвојува успехот од тоа другото, неизреченото. 

Толку од мене овој пат. До некое следно читање, да размислиме заедно малку за „ ударците и старците“... медали освоија селекции предводени од тренери од 56, 62 и 61 година, по тој ред. 
До следните, јануарските ракометни настани, среќни Божиќни и Новогодишни празници, по кој ред и да ги славите, со желба 2021 да биде поинаква, подобра и поздрава

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk