Што ќе биде со Е. Пелистер и Металург во Европската лига?

Извршната комисија на ЕХФ даде зелено светло за решавање на ситуацијата во Лигата на шампионите со службено доделување на бодови доколку одложените натпревари во ЛШ не можат да се одиграат до 4 март. Истото важи и за Европската лига, само што нема да биде исто. 



Лигата на шампионите најверојатно ќе добие проширување на нокаут фазата и место првите шест да одат во следната рунда, доколку не се одиграат досега 20 заостанати натпревари до 4 март, сите осум екипи од групата ќе продолжат во елиминациската фаза. 

Бодовите од одложените натпревари ќе се доделат врз основ на околностите што довеле до одложување на натпреварите. Дали тоа значи дека Вардар што бараше одлагање на натпреварите со ПСЖ и Порто службено ќе ги загуби? И што ќе биде со натпреварот со ПИК Сегед што еднаш беше одложен на барање на Унгарците, а еднаш на барање на Македонците? Деталите за начинот на дистрибуција на бодовите ќе ги дознаеме, хм, веројатно кога ќе почнат да се доделуваат бодовите по овој основ, доколку ситуацијата со Ковид и одложените натпревари налага така.
Па сепак, екипите ќе добијат натпреварувачка компензација со тоа што нема да има службено елиминирани како минатиот март, па сите би оделе во елиминации. 

Но, самите пресметајте, колкави се шансите овие 20 одложени натпревари во ЛШ да се одиграат до 4 март, имајќи предвид дека во јануари се играат квалификации за ЕП 2022, потоа следува Светското првенство во Египет, а треба да се играат и средбите од ЛШ што и така си беа во регуларниот распоред, плус натпреварите од домашните првенства каде што исто така има многу одлагања.
ЕХФ на 25 јануари ќе пресече што и како понатаму. 




Тоа е што се однесува до Лигата на шампионите и таму работите се доста јасни до извесна точка. Но, што ќе биде со Европската лига (ЕЛ) каде што Македонија има два претставника, Еурофарм Пелистер и Металург? 
И овде има голем број на одложени натпревари што, ако не се одиграат и бидат службено доделени бодови, тогаш ќе играат важна улога во конечниот изглед  на табелата. 

И овде ќе важи споменатиот систем на дистрибуција на бодови што во детали во моментов го знае единствено Виена. Но, напоменато е дека во ЕЛ не е предвидено зголемување на елиминациската фаза. 

Дека нема да се прошири елиминациската фаза, во моментов не можеме ппоинаку да го сфатиме освен дека последните две екипи од секоја група ќе бидат елиминирани и ЕЛ ќе игра според планот. Но, со поделбата на бодовите од одложените натпревари, потенцијално ќе се обезвреднат резултатите постигнати на терен, затоа што некој голем аутсајдер би можел да добие службени бодови од екипа што на терен не би можел да ја победи, а такви макар биле два бода можат да направат разлика дали на крајот екипата е четврто или петто место. Ако не се пласираат сите екипи во елиминациска фаза, тогаш изостанува спортската компензација што ја добиваат екипите од ЛШ поради немањето можност да ги одиграат сите натпревари и табелата да се скрои според резултати постигнати на терен. 

Во ваква ситуација некој ќе добие, некој ќе загуби. Металург има многу одложени, но нивната приказна се решава во вторник во Скопје, а Е. Пелистер би требало да инсистира да ги реши работите на терен.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk