Photo credit: Jozo Cabraja/Kolektiff
Четирите репрезентации од поранешната Југославија, денеска играа меѓусебе на ЕХФ Еуро 2020. Дома се враќа Словенија, прашање е дали и Србија ќе и прави друштво.
Неверојатен пад во кој за финалните 15 минути постигнаа само еден гол и две технички грешки во последните 90 секунди од натпреварот можеби ќе ја чинат Србија елиминација од ЕП. Хрватска победи 25-24 и со три од три и четири освоени бодови оди во следната рунда, каде што се Романија, Норвешка и Германија и има реални шанси да стигне и до полуфинале.
Србија се блокираше, а Љубормир Обрадовиќ овој пат немаше ниту еден трик во ракавот. За цели 15 минути, од 45 до 60 минута, Србија постигна само еден единствен гол и водството од 23-21 стана негатива од минус два (23-25), пред Поп Лазиќ на две минути до крајот да намали на 24-25 и да ја отпочне драмата во која Блажевиќ и Посавец шутираа кон голот на Србија, но им беше одбрането, а на спротивната страна, Поп Лазиќ и на две секунди до крајот Лишчевиќ загубија топки и Хрватска ја одбрани предноста.
Сега за Србија да остане на турнирот, потребно е Унгарија да ја совлада Холандија во натпреварот што се игра вечерва од 20:30 часот.
Блиску до „кикс“ беше и Црна Гора која водстото од шест разлика на мечот со Словенија го редуцираше на само еден гол во последните две минути.
Но, екс вардарката Итана Грбиќ ладнокрвно погоди за 26-24, па за Словенија не остана време за комплетен пресврт.