ДРАГАН ЃУКИЌ: Ѓуро ќе ти прости што те тепаше

Авторот на колумната е master coach на ЕХФ, поранешен селетор на Ц. Гора, Македонија, Израел, Швајцарија, Јордан и селектор кој ја водеше В. Британија на ОИ Лондон. На клупски план бил тренер на Макаби, Мадеира, Вардар, Пик Сегед, Ц. Звезда, Металопластика итн. Последен ангажман му беше тренер на женскиот мега проект ЧСМ Букурешт од Романија



Во култната реченица од „Балкански шпион“ филм со кој растеа генерации во таа чудна, мила, луцкаста творба викана Екс ЈУ, можат да се соберат сите „мудрости“ на тренерскиот повик...
И да, барем се надеавме, ќе им простат Нено и Љуба што ги тепаа, затоа што не знаеја дека се толку добри. Како инаку да објасниш некому дека сите тие милионски вложувања во последните децении во ракометни академии и стручњаци не беа  доволни да се совлада група девојчиња заробени (вистински) во секашниот простор и време. 

И додека ја очекуваме денешната програма во ова натпреварување што и сам не знам како да го наречам затоа што првенство, баш и не е. Ем што паѓа во невреме кога спортот едвај живурка, ем што условите се повеќе наменети за американските Индијанци отколку за спортисти, решив да ви раскажам три приказни. Различни по многу што, а сепак – исти. 

ПРИКАЗНА 1: Кога е тешко – Хрватска
Собрал еден човек тим од играчи што попат успеал да ги улови и отишол на „Најголемата смотра на спортот во време на Корона“ како жртвено јагне. Нели, леб и игри. Пред него тандем стручњаци (Ѓер и ФТЦ го дадоа најдоброто), плус милионски вложувања во последните десет години, академии, чуда божји, најталентираните играчи на светскиот и европски првак во се (јуниори, кадети)...

И, кога таму, поинаква одбрана. Одбрана за која споменатиот тандем сметаше дека не може да се игра во женскиот ракомет. И таа одбрана донесе едно од најголемите изненадувања, дури и во женска конкуренција, каде што се е можно.

ПРИКАЗНА 2: И невозможното е возможно
Кога еден тим веќе во првото полувреме губи со -6 и притоа остане без својот најдобар играч и еден од најдоминантните плејмејкери во последната деценија (од срце и посакувам на Лекиќ ова да не биде и тажен крај на една прекрасна кариера), кога се изгледа изгубено дотаму што ни магија да не може да помогне. Кога на другата страна е светскиот шампион предводен од еден од најдобрите стручњаци на денешницата (така барем велат!), кој нормален би се обложил на Србија во тој момент?
Никој, освен некој „демоде“ тренер кој ќе реши да го извлече последниот ас од ракавот и да игра со два пикера, знаејќи притоа дека во тимот има само еден таков профил... и му пројде картата!
Младиот и суперталентиран колега и неговата група светски шампиони, не успеа да најде одговор за 30 минути на една единствено тактичко прашање. Игра 7 на 6.

ПРИКАЗНА 3: Умре Тито!
Вака често се обидувам да им објасним на луѓето дека мораме да излеземе од балонот во кој самите се затворивм и да излеземе малку на сокачето и да видиме колку вредиме.
Место да плачеме над горката ни судбина, да ја прифатиме реалноста и да бидеме тие што сме (поточно да бидеме тие што во некои посебни околности умееме да бидеме). Да бидеме храбри вредни, полни со фантазија и да се стремиме кон успехот, а не да му се плашиме. И ни нема нам поголеми непријатели од нас, самите. Тоа барем преку историјата, па и таа спортската, милион пати сме го докажале.
Четири наши селекции се на ЕП. Еј, четири од 16! Им се извинувам на сите националисти и неонационалисти, но мене секогаш ќе ми биде НАШЕ, затоа што кога станува збор за рукомет, ракомет или рокомет, јас некако не можам да навивам за handball.

А колку не ценат другите, нека послужи за пример реакцијата на најтиражниот спортски весник во Шпанија на веста за смртта на легендарниот тренер/селектор/претседател Хуан де Диос. На насловната страна со поголем текст одеше заедничка слика на покојникот со два доајена на светскиот ракомет, Јездимир Станковиќ и Зоран Тута Живковиќ. Од толку великани, тие ги одбраа овие што ние самите помалку ги заборавивме. И така, заборавајќи кои сме, мислиме дека се друго е подобро, поважно, помодерно (што и да значи тоа во спортот).

Земјаци мои драги, мали сме, само кога себе си се сметаме за такви, а не затоа што такви навистина и сме!
 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk