Заврши Ковид епизодата за капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров. По прегледите што завршија предмалку, Лазаров доби зелено светло за враќање на терен и уште вечерва ќе биде на тренинг.
Одлични вести доаѓаат денеска од Шпанија. Кирил Лазаров извојува победа во својата битка со Ковид 19 и по пропишаната изолација и денешното одобрување од докторите се враќа на терен.
Капитенот на македонската репрезентација го заврши периодот на изолација, а како што вели непријатна била оваа битка.
„Сега е се во ред. Помина. Денеска доби одобрение од докторите и почнувам да тренинрам со екипата“, вели Лазаров. За своето искуство со Ковид 19 вели дека било непријатно искуство, но брзо поминало.
„Имав симптоми. Не чувствував мирис и вкус. За среќа, тоа траеше само два дена. Но, непријатно чувство дефинитивно. Од други симптоми, омалаксаност и поспаност. Немав покачена температура и слично“, вели Лазаров за g-sport.mk.
Лазаров не настапи на последниот натпревар на Нант во Лигата на шампионите, што неговиот тим го доби како гостин во Словенија, кај Целје и е речиси сигурен патник во елиминациите од Лигата на шампионите.