Битолски Е. Пелистер е единствениот македонски клуб што ќе игра европски натпревари во следниот термин. Металург и Вардар се на списокот на одложени натпревари.
Еурофарм Пелистер ќе игра против Тримо Требње на своето трето гостување во Европската лига годинава. Словенците се дури и во полоша состојба од битолскиот клуб во Европа, тие досега одиграа само еден натпревар, а дури три нивни средби беа одложени.
Затоа Тримо се појавува како непознаница. На единствениот меч победија на гости кај Татабања што е резултат за респект, иако сите Унгарците годинава се десткувани од Ковид и не играат во рамките на своите можности.
Од друга страна, Тримо загуби меч во домашното првенство од Словењ Градец, тоа беше нивни прв пораз на седумте одиграни натпревари и го „чепна“ перфектниот старт на Урош Зорман како тренер.
„Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим.
Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман“, изјави тренерот на битолчани Жељко Бабиќ пред претстојниот меч.
Натпреварот се игра утре, во терминот од 20:45 часот во Љубљана.