Почина тренерот на сите тренери во Шпанија. Хуан де Диос Роман Секо не го преживеа силниот мозочен удар и на 77 години почина во мадридската болница.
Роман Секо беше тренерот што ги постави основите на „занаетот“ во Шпанија. Долго време беше селектор на Шпанија, подоцна и претседател на Федерацијата. Денеска, во голема мерка благодарение на него, Шпанија е недостижен лидер според бројот на тренери на многу високи позиции и во клубови и репрезентации.
Црногорскиот бек Стеван Вујовиќ, некогашен играч на Вардар и на Металург, спогодбено го раскина договорот со Мотор Запорожје, шест месеци пред истекот.
Вујовиќ ќе ја смени Украина со Катар. Оди во екипата на Ал Рајан и ќе биде под команда на Звонко Шундовски.
Катрине Лунде ќе брани за Норвешка на ЕП 2020. Но, нејзиното враќање на голот не е среќна околност. Таа поради бременост ја прекина кариерата, но бременоста не беше успешна, па се враќа назад на голот.
Женската репрезентација на Германија комплетните подготовки за настап на ЕП 2020 ќе ги одработи без селектор, затоа што тој е во карантин.
Една од најважните ракометарки на Романија, пивотот Крина Пинтеа го пропушта ЕП 2020. Таа на последниот Ковид тест беше позитивна и ќе мора да оди во изолација.
Филип Бана е новиот претседател на Француската ракометна федерација. Тој освои 57% од гласовите на изборите одржани викендов. Доаѓа на местото на Жоел Делапланж кој по три мандати реши да не се кандидира одново.
Бана веќе го состави Управниот одбор кој во Франција брои 49 членови.